Скопјани до 2018-та ќе добијат нова матична зграда за венчавки, библиотека и читална

Жителите на главниот град во текот на следната 2018 година ќе добијат нова матична зграда за венчавки, библиотека и читална сместени во реконструираниот Офицерски дом на Плоштадот Македонија.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во неделата аправи увид на градежните работи на новиот Офицерски дом на плоштадот во Скопје, подигнат на местото од стариотобјект урнат во катастрофалнито земјотрес од 1963 година, во чијашто зграда ќе биде сместена новата матична служба за венчавки, како и хотелот од групацијата „Мериот“ како и мултинаменски простор, библиотека и читална.

„Зградата сега ја гради приватен инвеститор којшто ќе ја намени за хотелот ‘Мериот’ со четири ѕвезди во еден дел, а во еден дел ќе биде деловен центар. Сепак, уште кога државата оваа зграда ја стави на лицитација еден кат е предвидено да се отстапи на државата, тоа значи дека инвеститорот треба бесплатно да го изгради и бесплатно да ѝ го отстапи на државата. Државата има две намени за тука, едната намена со околу 350 метри квадратни е изградба на современ простор за матична служба за венчавки. Вториот дел ќе биде мултуфункционална сала со примарна цел библиотека и читална, но по потреба читалната понекогаш ќе се користи за различни приеми или настани“, прецизираше Груевски.

Истакна дека она што е негативно во оваа работа е со незаконското укинување на дуповите, градоначалникот на општината Центар и советниците оневозможија да се изградат скалите за излез кон плоштадот коишто беа предвидени во планот.

До декември инвеститорот планира зградата да се заврши, додека меѓу декември и април да се заврши ентериерот внатре, што значи согласно договорот откако ќе биде затворен просторот и ќе бидат ставени сите машински и електрични инсталации од април следната година државата ќе може да го уреди ентериерот, така што градот Скопје до 2018 година ќе добие целосно нова матична служба и ќе добие мултинаменски простор и читална за најмладите.