Скопјани два дена се возат во стари автобуси, новите се изнајмени за екскурзии

Во изминатите два дена Јавното сообраќајно претпријатие ги пушти во сообраќај старите дотрајани автобуси од нивната гаража, пред се на линиите „2“ и „5“, а тоа предизвика револт кај граѓаните кои се обратија до редакцијата на „Нетпрес“.

 Од Ѓорче Петров до Центар патував еден час, задоцнив  и на работа бидејќи автобусот едвај се движеше од што беше стар.  Го прашав возачот што се случува, зошто овие историски автобуси се пуштени, посебно наутро кога сите брзаме на работа, рече дека не знае така му било наредено – вели скопјанка.

Според  друг патник автобусот доцнел цели 20 минути и неколку пати едвај тргнувал  по застанувањето на автобуските постојки, па на крајот и комплетно откажал, па морале да го чекаат следниот.

Не разбирам како може да ги пуштаат тие стари лименки во употреба, загадуваат, ние патниците не се чувствуваме безбедно, а има толку многу нови автобуси – вели тој.

Од ЈСП потврдија дека се ставени во употреба старите автобуси со цел максимално искористување на капацитетите на возниот парк, бидејќи дел од новите автобуси биле ангажирани за претходно договорен организиран превоз на ученици. Според нивните тврдења старите автобуси биле во исправна состојба и потполно безбедни, а на ваков чекор се одлучиле за да не дојде до прекин на редовните лин ии.