Скопјани имаат интерес за возење велосипеди, но немаат услови

Во Скопје има се поголем број на вљубеници на велосипед кои возат рекреативно и професионално се бават со овој спорт. Не е мал бројот и на оние кои го користат како превозно средство, па нема ништо посимпатично од дотеран човек  на ова средство на две тркала низ градските улици.

Но, освен супер желба за возење и различни активности во насока на подигање на свесноста за значењето од возењето (финансиски и здравствен аспект), градот воопшто не е подобен за возење или попрецизно е небезбеден.

Се уште возачите низ улиците, не ги третираат велосипедистите како рамноправи учесници во сообраќајот, туку некој што им пречи и ги забавува во возењето. Друг проблем е што нема и соодветни патеки, иако црвена обележана патека има од Аеродром до Центар. Но на нив се шетаат и пешаци, истите поминуваат низ автобуски постројки, има поставени билборди или други објекти што го попречуваат возењето.

Патеката на Кеј е добро решение, но од Александар Палас до мостот на Обединети нации веќе има одредени оштетувања.
Велосипедистите се приморани да возат по сообраќајниците, со што ризикуваат да бидат удрени, а не е мал број и на настраданите.

Во Скопје постои и неформална група „На точак“ која има за цел да го популаризира велосипедот како превозно средство, но и да укаже на проблемите со кои се соочуваат велососипедистите кои возат во урбаниот дел.Според нивната анкета што ја спровеле минатата година се покажува дека недостигот од велосипедски патеки не е најголем проблем. Она што пречи се паркираните возила на тротоарите и неизрамнетите рабници.

Учесниците на настанот „Критична маса“ кој се случува секоја последна среда во месецот, со групно возење велосипеди на одредени дестинации, сакаат да го свртат вниманието врз себе, да покажат дека се во голем број за да ги натераат градските власти за да создадат услови за нивно непречено функционирање.

ПРЕКУ ВЕЛОСИПЕДИЗАМ ДО РАЗВОЈ НА АЛТЕРНАТИВЕН ТУРИЗАМ

Во последните неколку години, постојат обиди за издигнување на велосипедизмот на едно повисоко ниво, па се организираат различни планински манифестации во кои на пример е вклучен и mountain biking.Такви спортски настани се организираат од страна на велосипедските клубови кои дејствуваат во рамките на Велосипедската федерација, но и самостојно на ниво на клуб или индивидуално.

Маврово, Берово, Охрид, Галичица, Пелистер, Попова Шапка се доста атрактивни места за возење каде што истовреме се разгледуваат и природните убавини. Но, потребно е повеќе да се направи во однос на маркирање на патеките и создавање услови за уживање.

Физички подготвените со велосипед се качуваат на Водно, возат тури до Охрид, учевствуваат на натпревари, соборуваат лични рекорди.

Велосипедизмот е одличен начин преку кој може да се развие и алтернативниот туризам. Во оваа насока вчера 120 велосипедисти од земјава и од регионот го откриваа Културното наследство низ Прилепското Поле. Истите, уживаа во вкусни локални производи и учеа за културното наследство на Македонија.Ова воедно беше и прва спора велосипедска тура кај нас.

Со цел на што поголема промоција на Македонија и велосипедизмот како спорт, превозно средство, начин на рекреација како и еден вид нов правец во туризмот како дел од алтернативниот туризам, ќе се случува и првиот Балкан Бајк Фестивал кај нас. Единствен од овој вид во регионот, ќе се одржи од 19 до 21 септември на Водно.Ќе земат учество репрезентациите на 10 Балкански држави, професионални натпреварувачи од Европа, повеќето велосипедски клубови од Македонија и на кој се очекува да има повеќе илјадна посетители.

Според бројот на активности, продавници за велосипеди, велосипедисти што се среќаваат низ улиците и на Кеј може да се заклучи дека интерес за возење на велосипед се повеќе има, но нема услови за возење низ град.

Во насока на поттикнување на оваа активност Градот Скопје изнајмува велосипеди на повеќе локации, општина Центар даде субвенции за купување, а една македонска компанија распиша конкурс за идејно решение за паркиралишта на велосипеди.