Скопјани ќе собираат средства за настраданите од поплавите

На плоштадот Македонија утре со почеток од 12 часот на пладне ќе се одржи хуманитарен собир, инициран од група граѓани, со цел да се соберат што е можно повеќе донации за нашите соседи погодени од поплавите.

На Фејсбук страната посветена на овој настан, се повикуваат сите оние кои се во можност утре да дојдат и да донираат што можат.

-Ги замолуваме хуманите граѓани на Р. Македонија кои се во можност да донираат било што: облека, куќни апарати, постелина и слични потребни работи за секојдневен живот за да им помогнеме на нашите соседи од Србија кои доживеаја страшна катастрофа и го изгубија покривот над глава, се вели во описот на групата.

Доколку и вие можете да одвоите нешто и со тоа значително да им помогнете на нашите соседи во Србија, тоа може да го донирате утре во закажаното време.

Настанот ќе трае до 17:00 часот, по што собраните материјали ќе се пренесат до погодените подрачја.

Еве дел од работите кои се потребни:

Флаширана вода, конзервирана храна, храна за бебиња, адаптирано млеко, пелени и секаква козметика за бебиња, храна за лица со посебни медицински потребни (пример – дијабетичари), прибор за прва помош (завои, гази, антисептици), тоалетна хартија, сапун, паста за заби, женски хигиенски производи, свеќи, пластичен прибор за јадење за еднократна употреба, јажиња, алат, лопати, маски за прашина, ќебиња, постелина, облека, обувки, вреќи за спиење, секаков вид мебел, кујнски апарати…

Доколку сакате да се приклучите кон групата, тоа може да го сторите ТУКА.