Скопјани нема да гледаат Светско првенство во кафеана

Светското првенство во фудбал започнува утре на 12 јуни на големо задоволство на љубителите на најважната споредна работа во светот. Но, и на задоволство на угостителите кои тријат раце на поголема заработувачка за време на одржувањето на Мундијалот. Телевизори се поставуваат и таму каде што нема, се со цел да се привлечат повеќе гости кои ќе гледаат фудбал и ќе пијат пиво.

Но, работното време кое според Законот за угостителска дејност за време на летниот период е до 1 часот по полноќ, им ги мати сметките. Поради временските разлики со Бразил некои од натпреварите започнуваат на полноќ, па во тој случај последната утакмица не можете да ја гледате во кафуле, бидејќи само што сте седнале ќе ве станат за да затворат.

Од угостителите веќе постои иницијатива за продолжување на работното време и истата е поднесена до Советот на Град Скопје.

„Иницијативата за продолжување на работното време за време на Светското првенство во Бразил ја разгледавме на Управен одбор и истата ќе ја поднесеме до Советот на Град Скопје. Тие можат да донесат одлука за продолжување на работното време за еден час односно до 2 часа максимум. Тоа и се прави кога има одредени манифестации, ивенти или слично. Така направија угостителите во Охрид, односно го продолжија работното време до два часот по полноќ за време на сезоната,“ изјави претседателот на Туристичко-угостителската комора Феркан Бербери.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат Виктор Дерменџиев во изјава за Нетпрес вели дека нема толеранција за угостителите кои ќе го прекршат работното време, се додека не се донесе спротивна одлука односно работното време да биде продолжено.

„Според Законот за угостителска дејност, Советот на Град Скопје може да го продолжи работното време максимум два часа, најмногу три дена, а Светското првенство трае еден месец. Како ќе го решат тоа, не знам. Казни за прекршителите на работното време секако ќе следуваат,“ изјави Дерменџиев.

И покрај тоа што сите го посочуваат Град Скопје како надлежен да го смени работното време, од таму велат дека работното време на угостителските објекти е под надлежност на Министерството за економија. Тие можат да го продолжат работното време најмногу два часа, три дена и тоа за манифестации во кои се јавуваат како организатори. Како на пример за Бели Ноќи, Баскерфест и слично.Во овој случај тие немаат надлежност и доколку Министерството донесе одлука за промена на работното време таа би се однесувала на ниво на цела држава, не само за Скопје.

Според Законот, угостителот ќе се казни со парична казна од 50.000 до 150.000 денари за непридржување кон истакнатото работно време.

Некои од кафулињата за да привлечат и поголем број на публика, на две купени пива даваат едно гратис.

„Најмногу се гледаат ударните натпревари, нормално отворањето а подоцна и елиминационите натпревари. Секако дека продолжувањето на работното време за еден час, добро би ни дошло на сите. А, некоја поголема заработувачка за време на првенството не сме почувствувале,“ вели еден од сопствениците на „Тренд“, Гроздан Георгиев.

Иницијатива за продолжување на работното време имаше и во Хрватска тие веќе се договорија со властите да не ги затвораат вратите пред 2 часот, а нивниот пример се очекува да го следат и други земји од соседството.
.