Градот Скопје се претстави на „Отворени денови” во Брисел

Градот Скопје вчеравечер се претстави на 13-то издание на „Отворени денови –  Европската недела на региони и градови” што од 12 до 15 октомври се одржува во Брисел.

Во рамките на овој традиционален настан, Градот Скопје за првпат организира отворен ден кој се одржа во Мисијата на Република Македонија во Брисел, а присутните гости и учесници во Отворените денови имаа можност да се запознаат со Скопје, неговите можности, македонската традиционална кујна, вино и музика.

skopje-denovi-kultura-2

На отворениот ден на Скопје во Брисел присуствуваа градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, амбасадорот на Република Македонија во Мисијата на РМ во Европската унија, Андреј Лепавцов, министерот за надворешни работи, Никола Попоски, претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева, советници во Советот на Град Скопје и претставници на градската администрација.

Градот Скопје овие неколку дена се претставува во Брисел, во рамките на „Отворени денови –  Европската недела на региони и градови”. Организиравме и Ден на Градот Скопје во Брисел, на кој голем број посетители имаа можност да се запознаат со Скопје и со неговите убавини и можности. Ова е одлична можност да стекнеме големи пријатели и искуства од градовите и регионите на Европа што ќе ни помогне за поголема вклученост на Градот Скопје во Европските институции – изјави градоначалникот Коце Трајановски.

skopje-denovi-kultura-3

„Отворени денови –  Европската недела на региони и градови” е традиционален четиридневен настан, кој за првпат е организиран во 2003 година од Комитетот на регионите при Европската унија.

На овој настан, градовите и регионите од Европа имаат можност да се претстават пред јавноста и да ја подобрат соработката на локално и на регионално ниво.

Отворените денови се одлична платформа за вмрежување на градовите и регионите и за размена на искуства и добри практики во повеќе области, како што се економскиот развој и социјалната инклузија, јавното-приватно партнерство, прекуграничната соработка, регионалните иновации и локалниот економски развој.

За таа цел, во рамките на отворените денови во Брисел беа организирани голем број предавања, дебати и работилници во кои учествуваа советниците во Советот на Градот Скопје.

skopje-denovi-kultura-4

Во рамките на „Отворени денови –  Европската недела на региони и градови”, градоначалникот Коце Трајановски ја потпиша „Зелената дигитална повелба” (Green digital charter).

Градот Скопје стана 48-от град во Европа што ја потпишал оваа повелба и првиот град што ја потпишал оваа повелба од земјите на Западен Балкан. Со потпишувањето на оваа повелба, градовите се обврзуваат, преку соработка со другите градови-потписници и со поголема примена на информациските и комуникациските технологии, да преземаат активности за заштита на животната средина и за зголемување на енергетската ефикасност, нагласи градоначалникот Трајановски.

На годинешново издание на „Отворени денови –  Европската недела на региони и градови”  учествуваат околу 6. 000 претставници од над 200 региони и градови од Европа, а во работниот дел ќе се одржат околу 140 дебати и работилници.