Скопје: Десет сообраќајки во 24 часа

Сообраќајната полиција во текот на изминатиот ден на подрачјето на Град Скопје извршила  увид на вкупно 10 сообраќајни незгоди.

Од нив, седум се со последица материјална штета и три со последица телесна повреда во кои со полесни повреди се здобиле еден возач на автобус и двајца пешаци.

Според евиденцијата на сообраќајната полиција, случени се уште две незгоди со мала материјална штета во коишто е пополнет Европскиот извештај за случена сообраќајна незгода.

Во текот на вчерашниот ден од страна на сообраќајната полиција откриени и санкционирани се четворица возачи кои ги управувале возилата под дејство на алкохол и тие се исклучени од сообраќај. Двајца возачи не отстапиле првенство на минување на пешаците на обележан пешачки премин, 12 возачи не го почитувале ограничувањето на брзината на движење, четворица возачи не ги почитувале светлосно сообраќајните знаци на крстосница, како и 11 возачи кои не го користеле безбедносниот појас или, пак го користеле мобилниот телефон за време на управување на возилото.

Со помош на специјалното возило „пајак“ од страна на сообраќајната полиција отстранети се 50 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.

Отсекот за превенција при Единицата за безбедност во патниот сообраќај при СВР Скопје во рамките на своите активности ќе одржи едукативни работилници во основните училишта „Христијан Тодоровски Карпош“ и „Вера Циривири Трена“ кои се наоѓаат на територијата на општина Карпош.

За денеска нема најавено вонредни настани со што се очекува сообраќајот да се одвива тековно и според постоечката сообраќајна регулатива.