Скопје доби нова катна гаража (ФОТО)

Скопје доби нова катна гаража
Скопје доби нова катна гаража

Денеска свечено беше отворена новата катна гаража „Тодор Александров“, што изминатиов период се градеше на улицата Даме Груев, во центарот на градот.

Ми претставува особена чест што токму денеска, на Денот на независноста на Република Македонија – 8.Септември, и официјално ја отвораме новоизградената катна гаража „Тодор Александров“. Како дел од заложбите за решавање на проблемот со паркирањето во центарот, Градот Скопје изгради модерна катна гаража која обезбедува јавен паркинг за 604 лесни возила, вклучувајќи и паркинг-места за лица со посебни потреби и 120 велосипеди. Објектот е висок 23 метри, има бруто развиена површина од 29.183 квадратни метри, како и приземје, 7 ката над земја и две нивоа под земја. На приземјето и на првиот кат се предвидени само деловни простории, а другите катови се исклучиво наменети за паркирање. Влезот во катната гаража за лесните моторни возила е од североисточната страна на објектот, преку подземната улица која води до првото подземно ниво на гаражата. Излезот од гаражата е од првото подземно ниво преку подземната улица, на југоисточната страна на објектот, директно на улицата Даме Груев. Движењето на возилата по катови се одвива преку спирална рампа. На секој кат е изведена остава и тоалети за посетителите, вклучувајќи и тоалет за лицата со посебни потреби. Паркингот за велосипеди е сместен во клунот на објектот, а до него се пристапува директно преку посебен лифт, како и преку 3-те патнички лифтови што се наменети за посетителите – рече градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, на свеченото отворање на катната гаража „Тодор Александров“.

Катна гаража Тодор Александров

Катна гаража Тодор Александров

Трајановски додаде дека новата катна гаража „Тодор Александров“ е опремена со најсовремени и најквалитетни системи за откривање и јавување на слободни паркинг-места; систем за наплата на паркирањето; видео-надзор со 87 камери и контролна соба; систем за противпожарна заштита; систем за откривање и јавување на СО2 и гас; систем за заштита од атмосферски празнења, како и систем за климатизација и вентилација.

Фасадата на објектот е покриена со ламинирано сигурносно стакло. Просторот околу гаражата е партерно уреден. Проектот за катната гаража на улицата Даме Груев е на Градежниот институт „Македонија“ АД Скопје. Катната гаража ја изградија градежниците на „Бетон“ АД Скопје, а Градот Скопје за овој значаен зафат издвои околу 780 милиони денари. Со новата катна гаража „Тодор Александров“ ќе стопанисува ЈП „Градски паркинг“, а паркирањето ќе чини 30 денари за час – нагласи денеска градоначалникот Трајановски.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, упати честитка до граѓаните по повод 8.Септември – Денот на независноста на Република Македонија.

Овој ден е потврда на нашата волја за независна држава. Што ние ќе оставиме за следната генерација зависи само од нас. Нашите дела преточени во проширени булевари, изградени водоводни мрежи, катни гаражи, училишта, болници и театри се наши честитки до граѓаните. Ми претставува особено задоволство што денеска ја отвораме катната гаража „Тодор Александров“, најголемата катна гаража во Скопје. Верувам дека таа ќе ги реши долгогодишните проблеми со паркирањето во центарот на градот и дека ќе ја користат и околните жители и посетителите на Скопје – истакна премиерот Груевски.

Катна гаража Тодор Александров

Катна гаража Тодор Александров