Скопје има 45 бездомни лица

Шалови, капи, ракавици, џемпер и вреќа за спиење добија денеска 45-те бездомни лица кои престојуваат на територијата на Град Скопје. Скопскиот градоначалник Коце Трајановски, заедно со секретарот на Црвениот крст, Сузана Тунева-Пауновска, од отоворањето на шелтер центарот во 2010 година, секоја година спроведуваат акција во која им се посветува внимание и на бездомните лица.

Пунктот и Прифатилиштето за бездомните лица се наоѓаат во Момин Поток и во него оваа година во најладните денови ќе бидат сместени 45 лица.

Градоначалникот Трајановски денеска традиционално ги посети и им додели пакети производи на бездомните лица во Момин Поток.

POseta na punkt za bezdomnici 2014 (2)

„Во пресрет на новогодишните празници, традиционално, во име на Град Скопје го посетувам пунктот за бездомни лица, се информирам за нивното здравје и за тоа дали се задоволни од условите што им ги нудиме, особено во овие студени денови. Градот Скопје го помага работењето на овој центар со по 500.000 денари годишно, а оваа наша поддршка ќе продолжи и во иднина. Сметам дека овие средства се вложени на вистинското место, за луѓето на коишто им е потребна помош. Бездомниците во овој центар кој што работи веќе четири години, добиваат хигиенски услуги, чисти алишта, берберски услуги, лекарски преглед и неопходни лекарства, разговор и совети од психолог и топол оброк. Градот Скопје во соработка со Црвениот крст на Град Скопје и понатаму ќе им помага на бездомните лица“, рече денеска градоначалникот Трајановски.

Годинешниот пакет производи го добија 45 бездомни лица, а истиот сождржи џемпер, шал, капа, ракавици и вреќа за спиење. За набавка на пакетите Градот Скопје, оваа година одвои 81.000 денари.

POseta na punkt za bezdomnici 2014 (3)

Секретарот на Црвениот крст на Град Скопје, Тунева-Пауновска, денеска изјави дека се задоволни од поддршката на Градот Скопје, но и од компаниите кои во се поголем број ја поддржуваат работата на Центарот и им го олеснуваат животот на бездомните лица.

Градот Скопјe за изградба на овој објект во 2010 година за оваа намена од Буџетот издвои 1.400.000 денари, а со отворањето на Прифатилиштето, капацитетите на пунктот се зголемија за 60 м2. Новиот простор е опремен сo кревети, тоалети, чајна кујна и други неопходни средства за функционирање на Пунктот со што ќе може целосно да одговори на потребите на овие лица. Пунктот во Момин Поток секојдневно го посетуваат до 20 бездомници. Пунктот за бездомници на Црвен крст на град Скопје, функционира повеќе од две години.

Понеделник е денот кој е предвиден кога бездомниците добиваат хигиенски услуги и секој петок кога добиваат и чисти алишта, лекарски преглед и неопходни лекарства, разговор и совети од психолог, оброк и топол напиток. Транспортот на корисниците на услуги на пунктот го обезбедува Црвениот крст и тоа од неколку локации во градот и по добиените услуги, бездомниците повторно се враќаат на истата локација.

Поголем дел од овие лица немаат здравствено осигурување, боледуваат од хронични болести (белодробни заболувања, зголемен крвен притисок и заболувања на срцето и крвотокот, кожни заболувања), за што Црвениот крст обезбедува хируршки интервенции на овие лица во болниците на Клиничкиот центар во Скопје.