Македонија

Скопје ќе добие нов скејт парк

Скопје ќе добие нов скејт парк

Скејтерите за два месеци ќе добијат нов парк, чие користење нема да се наплаќа и нема да има работно време. Скејт-паркот чија изградба веќе е почната се наоѓа на кејот на Вардар, под Паркот на франкофонијата.

Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски, заедно со директорот на ЈП „Улица и патишта“ Синиша Ивановски, денеска изврши увид во градежните работи на новиот скејт-парк.

„Овој скејт-парк ќе биде со димензии 50 на 15 метри. Ќе има многу елементи кои ќе им овозможат на граѓаните кои сакаат да се забавуваат и да се рекреираат во паркот. Може да дојдат со ролерки, со велосипеди. Скејт паркот ќе биде со сите стандарди кои се потребни за овој вид на градби, нема да има проблеми за повредување и слично. Градот Скопје издвои 5 милиони денари за изградба на паркот и се надеваме дека за околу два месеци ќе биде пуштен во употреба“, истакна Трајановски.

Скејт паркот наменет за ролерџии, скејтбордери и BMX-бајкери, ќе овозможи добра забава и рекреација за љубителите на овој вид спортови и во вечерните часови, бидејќи ќе биде осветлен.