Магазин

Скопје ќе живее во „четврта смена” во Куршумли Ан

Скопје ќе живее во „четврта смена” во Куршумли Ан

Четвртото издание на Skopje Design Week оваа година ќе се одржи од 23. до 28. септември во Куршумли Ан со продукција и програма што ги оправдува очекувањата на урбаната публика, дизајн и бизнис заедницата кои веќе три години ги препознаваат вредностите и уникатноста на фестивалот.

Под мотото: „Четврта смена”, идејата е да се доловат различните функции: промоција, деловна соработка, едукација, забава и дружење.

Дека успешниот бизнис не подразбира само бројки, трговија и економија, туку значи унапредување, храброст и иновација зборуваат минатогодишните соработки помеѓу деловниот и дизајн секторот поттикнати од оваа организација. Оваа година треба уште позасилено да се зацврсти претприемачкиот дух во насока на соработка помеѓу деловниот сектор и креативната индустрија.

Инаку, пријавувањето на компании, нови брендови, млади иноватори, дизајнери и институции, за учество во годинешниот SDW, е во тек. Сите оние кои сакаат да ја запознаат јавноста со своите новитети, бараат и нудат конкретни можности за вмрежување, се во потрага по вистински партнери за соработка, имаат можност до 20 јули да се пријават во најразлични категории. Целта и оваа година е да насочи креативниот потенцијал во унапредување на економската клима и општеството. Четвртата смена е најавена од организаторите како досега најдобро издание.

Skopje Design Week ќе биде обвиткан со елегантен француски шмек од причина што оваа година Франција се јавува како земја во фокус. Претставени ќе бидат 10 реномирани дизајнери и француски дизајн студија.

Француските дизајнери ќе бидат дел од целокупната програма и разменуваат искуства и визии со локалните експерти, а најавена е нивна посета на македонски фабрики за да се стимулира соработка.Практичните работилници ќе бидат зголемени и во квалитет и во квантитет со директна поврзаност и вмрежување со деловната субјекти. Новина е гастро талент зоната на Горење, а музичката програма ќе вистински поклон за публиката.