Скопје прво да ги исполни обврските oд договорот, па потоа разговори со Каменос

Грчкиот премиер Алексис Ципрас по НАТО Самитот во Брисел најави дека процесот за надминување на недоразбирањата со коалициската партија на Панос Каменос ќе почнат во јануари или февруари догодина откако Владата во Скопјеги исполни обврските од договорот за името.

Сега чекаме да видиме дали соседната земја, владата на Скопје, ќе успее да ги исполни обврските што произлегуваат од Договорот од Преспа и посакуваме, јас лично посакувам да успее затоа што е историска интервенција што ги решава долгогодишни проблеми во нашата надворешна политика, а кога ќе успее, во некој момент во јануари, февруари, тогаш ќе разговараме со коалицискиот партнер за да видиме како ќе го придвижиме процесот, изјави Ципрас.

Претседателот на најголемата опозициска партија, Кирјакос Мицотакис, со остри критики за Ципрас и Каменос. Вели по НАТО самитот, на земјава и е предаден НАТО пасош, а грчката влада го признала идентитетот и јазикот.

На Грците им го дадовме ерга омнес името Северна Македонија, а ние добивме ерга омнес македонски идентитет, рече од збор до збор, господинот Заев во интервјуто за ББЦ. Повторувам, од збор до збор. Јас ви велам, вие сте ерга омнес опасни за интересите на земјата. И престанете веќе да се повикувате на оној смешен аргумент дека наводно го дадовте државјанството, а не националноста. Кажете ми една земја во светот во која сите нејзини жители ќе имаат различна националност и различно државјанство. На Скопјаните им ја дадовте националната одредница „Македонци“, нешто што го имаат отфрлено сите грчки влади во изминатите 27 години,изјави Мицотакис.

Грчкиот министер за одбрана Каменос, вчера пред новинарите на самитот во Брисел кажал дека Договорот за името нема да помине во Собранието, а ниту на референдумот.