Македонија

Скопје високо на листата на топ туристички дестинации меѓу Швеѓаните

Скопје високо на листата на топ туристички дестинации меѓу Швеѓаните

Многумина Швеѓани патуваат на исти места и во исти земји од година во година, но многумина откриваат и нови туристички дестинации.

Скопје лани се искачи високо на листата на популарни туристички дестинации меѓу Швеѓаните, јави дописникот на МИА од Гетеборг.

Швеѓаните во текот на 2013 година пребарувале двојно повеќе патувања за Скопје во споредба со 2012 година, покажуваат сумираните податоци на популарниот туристички сајт „Skyscanners“.

„Во текот на изминатата година видовме зголемено интересирање за регионот на Балканот. Многумина Швеѓани веќе ја имаат откриено Хрватска, но сега вниманието е насочено и кон Македонија како туристичка дестинација“, истакнува во прес-соопштение Аника Јансон, нордиски шеф при „Skyscanners“.

Аника Јансон укажува дека пребарувањата меѓу патувања кон помалку популарни престолнини се зголемува, а што, според нејзино мислење, се должи на тоа што Швеѓаните избираат повеќе „врз база на дебелината на паричникот и слободните денови во календарот“.

Скопје, Даблин, Хамбург, Манила, Техеран, Измир, Канкун, Сплит, Бризбејн и Кејптаун се десетте градови за кои во Шведска лани најмногу се зголемиле туристичките пребарувања.