Скопје врие од непродадени станови, цените остануваат надуени

Меѓу 3.000 и 5.000 непродадени станови има во Скопје, покажуваат проценките на компаниите членки на Градежната комора при Сојузот на Стопански комори.

Но, и покрај тоа што познавачите на состојбите на пазарот со недвижности велат дека цената на становите наводно паднала за пет отсто, сепак состојбата на терен и не го покажува тоа. Речиси и да не се чувствува тој мал пад на цената на становите, ако и воопшто го има.

На пример, во најголемите огласници за продажба на станови цената на станбен квадратен метар, годинава, во однос на лани воопшто и не е променета. Цената на метар квадратен во строгиот центар на градот изнесува меѓу 1200 и 1350 евра, а на некои локации дури и до 1500.

Според сопственикот на компанијата „Адора инжинеринг“, Ванчо Чифлиганец, цената на становите во Скопје од 900 до 1.200 евра за метар кавадратен е реална бидејќи локацијата и квалитетот на градбата сепак држат цена.

„Добра локација, висококвалитетна градба и доверба кон инвеститорот е она што игра важна улога при изборот на стан од страна на купувачите. Тие се чувствителна категорија и веќе знаат што бараат“, вели Чифлиганец.

Во однос на тоа што старите станови се продаваат по скоро иста цена како и новите, од агенциите велат дека тоа е така, бидејќи тука ситуацијата е чиста кога станува збор за имотен лист, а и за квалитет на градба.

„Довербата во старите станови се зголеми по аферата „Фиком“ и други случаи на измама на граѓани од страна на инвеститори. Затоа, купувачите бараа стари станови каде што сопствениците главно имаат имотни листови. Влијание во изборот исто така има и квалитетот на градбата, бидејќи некои стари згради се направени многу поквалитетно од некои нови,“ велат од една скопска агенција за недвижности.

Но, купувачите сепак треба да имаат на ум дека ако купат стар стан треба добро да го одврзат ќесето за да го реновираат, а на крајот кога ќе се удри есапот, излегува поскапо од нов.

Според познавачите на состојбите на пазарот за недвижности, инвеститорите на одреден начин ја научија лекцијата во однос на квалитетна изградба, атрактивна локација и цена која не отстапува од просекот на цената на становите за таа локација.

Најтешко во моментов се продаваат големите станови, поточно сите оние над 65 метри квадратни.

Се проценува дека цената на луксузните станови во центарот на Скопје, најбараната локација од купувачите, e идентична со цената на становите на хрватското приморје, каде што вредноста на имотите за време на економската криза значително падна.

Уште поинтересен е податокот дека слична цена како становите во најбараните делови на Скопје, како Дебар Маало, околу Универзалната сала, и кај Католичка Црква, држат и станови во помалку атрактивните населби како Козле, Тафталиџе, Капиштец и Карпош околу „Сити мол“. Високацена имаат и становите во Аеродром, која иако повеќе спаѓа во категоријата населби на крајот од градот отколку во централно градско подрачје, сепак еден метар квадратен таму се движи од 1050 до 1.150 евра.