„Скопје за Боуви“: Види музика, слушни слика, добиј книга

„Скопје за Боуви“: Види музика, слушни слика, добиј книга
„Скопје за Боуви“: Види музика, слушни слика, добиј книга

Директорот на Младински  културен центар, Златко Стевковски, директорот на Македонската филхармонија, Маја Чанаќевиќ, ликовниот уметник Ивана Младеновска и  маестро Емин Џијан под чие диригенство ќе настапи годинава  Македонската филхармонија, на денешната прес-конференција ги највија содржините на годинашново издание на „Види музика, слушни слика, добиј книга“, што ќе се одржи во Градски парк   на 23 јуни.

– Годинава манифестацијата ВИДИ МУЗИКА, СЛУШНИ СЛИКА, ДОБИЈ КНИГА, којашто се одржува веќе девет години, ја посветуваме на британската музичка легенда Дејвид Боуви, односно Македонска филхармонија ќе изведува дел од многубројните негови хитови. Исто така, публиката ќе може да ужива во творењето на афирмираните ликовни уметници Ивана Младеновска и Агрон Абдули и секако ќе можат да си заминат дома со книгата на Мери Финиган „Психоделија во предградието- Дејвид Боуви и уметничката лабораторија во Бекенам“- истакна директорот на МКЦ Златко Стевковски.

Директорот на Македонската филхармонија, Маја Чанаќевиќ со задоволство го најави нивното учество во реализацијата на оваа манифестација којашто годинава е посветена на мегаѕвездата Боуви.

Емин Џијан истакна дека направиле хронолошка селекција на хитовите на Боуви и најави изведба на 15 хитови. Во изведба на композициите, кои овој пат ќе добијат поинаков и автентичен израз, освен  Македонската филхармонија ќе учествува и бенд, како и Женскиот хор при МКЦ.

На настанот на многубројната публика ќе им бидат поделени и 20 илјади примероци од книгата „Психоделија во предградието – Дејвид Боуви и уметничката лабораторија во Бекенам“ на Мери Финиган. Книгата зборува за самите почетоци на кариерата на Боуви, кога како 22-годишен музичар очајно се обидува да најде некој клуб во Лондон, каде што ќе може да свири. Мери Финиган пишува во прво лице, како тогашна негова пријателка и љубовница и ни дава директни сведоштва за периодот на Боуви за кој досега сме знаеле многу малку.