„Скопска“ од денеска може да се купи на 45 продажни места

Билетот за возење во градскиот превоз, познат како „Скопска“ од денеска пак ќе може да се купува и надополнува на повеќе локации во Скопје, освен во билетарниците на ЈСП, информираат од претпријатието.

Заклучно со денешниот ден до 12 часот, ЈСП Скопје оспособи 45 апарати од Интегрираниот тарифен систем во секундарната продажна мрежа, што значи дека освен во 32 билетарници на ЈСП Скопје, „Скопска“ може да се надополнува и на уште 45 локации (маркети, трафики и слично) на најфрекфентните места низ градот. Планирано е до среда(6.06.2018) во функција да бидат ставени уште 15 апарати, информираат од ЈСП.

Од претпријатието потенцираат дека ЈСП Скопје уште на 28.05.2018 кога истече договорот со фирмата-мастер дилер за продажба на нивните услуги почна да ги оспособува апаратите во секундарната продажна мрежа.

Во меѓувреме, ЈСП Скопје објави јавен повик до сите заинтересирани субјекти за соработка, што значи дека продажната мрежа ќе се шири. На колку дополнително места ќе може да се купува/надополнува „Скопска“ независно од досегашната развиена мрежа, ќе зависи од интересот на субјектите до кои има јавен повик за соработка. Со оглед на досегашниот пројавен интерес, очекуваме во скоро време секундарната мрежа за продажба на нашите услуги да се прошири за значителен број локации, велат од ЈСП.