Скопска пиварница казнета со 5,8 милиони евра, а Прилепска со 2,7 милиони евра

Beer

Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) им изрече глоба од 5,8 милиони евра на Скопска и од 2,7 милиони евра на Прилепска пиварница зашто ги ограничувале дистрибутерите во одредувањето на продажната цена.

Како што соопшти КЗК, одлуките за паричните казни на двете компании се донесени вчера, на седница на Комисијата за одлучување по прекршок при Комисијата за заштита на конкуренцијата. 

Пивара Скопје АД, од 17 декември 2012 година склучувала договори за продажба и дистрибуција на нејзините производи со независните дистрибутери, во кои се содржеле одредби со кои ја ограничувала способноста на дистрибутерот да одреди своја продажна цена, односно му наметнувала по која цена да ги продава производите на крајните купувачи.

Прилепска пиварница АД Прилеп, пак, од 13 ноември 2010 година склучувала договори за деловна соработка со овластените дистрибутери, во кои се содржеле обврски за неконкурирање со неограничено времетраење, но и одредби со кои ја ограничувала способноста на дистрибутерот да одреди своја продажна цена.

– Ова значи дека дистрибутерот неможе самостојно да си ја одреди цената по која ќе ги препродава производите на пазарот, што во услови на пазарна економија значи ограничување на конкуренцијата. Ваквите одредби кои се однесуваат на одржување препродажни цени претставуваат ограничувања кои не смеат да бидат содржани во вертикалните договори (договори меѓу производителот и дистрибутерот) и имаат за цел нарушување на конкуренцијата согласно Законот за заштита на конкуренцијата и согласно Уредбата за групно изземање на одредени видови вертикални договори, стои во соопштението на КЗК.

Глобите во денарска противвредност изнесуваат 357.992.515,00 денари за Скопска и 166.778.900,00 денари за Прилепска пиварница.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.