Скопска премиера на „Деца на сонцето“

Филмот „Деца на сонцето“ на режисерот Антонио Митрикески од денеска ќе се прикажува во киното „Милениум“ во Скопје.

По вечерашната премиера во главниот град, новиот игран филм на Митрикески ќе биде редовно на репертоарот на „Милениум“ во термините од 20 и од 22 часот.

Според режисерот, филмот е прототип на македонска фамилија и тематизира семејни релации, а во преден план е љубовната приказна меѓу Ангела и Марко, кои  ги играат младите актери Ивана  Павлаковиќ и Кире Ѓоревски. Сценариото е на Гордан Михиќ и беше сниман, главно, во преспанскиот регион.

Во актерската екипа се и Владо Јовановски, Мето Јовановски, Билјана Таневски, Емир Хаџихафизбеговиќ, Милица Стојанова….Директор на фотографија е Јарек Шода од Полска, костимограф Зорица Тодорова-Младеновиќ, а автор на музиката гитаристот Влатко Стефановски.

„Деца на сонцето“ е трет игран филм на Митрикески, по претходните „Преку езерото“ од 1997 и „Како лош сон“ од 2003 година.