Скопската чаршија – мост кој ги поврзува Европа и Азија

Спој на сите националности во државата, на културата и економијата, на минатото, сегашноста, иднината и традицијата, вака стопанствениците и локалната самоуправа ја гледаат Старата скопска чаршија, една од, како што велат, најголемите на Балканот, македонски бренд, мост што ги поврзува Европа и Азија.

Од денешната манифестација „Чаршијата и пријателите“ тие испратија порака за зачувување на вредностите преку соработка, заедничко делување и максимална деполитизација.

– Пријатно е чувството кога се евоцираат спомените за Чаршијата и кога после долго време таа го наоѓа своето место, го зазема приматот на монденско место за живеење и организирање културни настани. Изминатите 20 години е направено многу со оглед дека нивото беше сериозно спуштено. Сега, благодарение на локалните власти, Чаршијата ја добива својата физиономија, а тука, и ние, претприемачите, сакаме да дадеме поголем импулс и придонес, рече претседателот на Македонско-бугарската стопанска комора Зоре Темелковски пред отворањето на манифестацијата.

Неговиот колега, претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Мендерес Кучи, напомена дека Чаршијата е наследство што мора да се зачува, бисер на државата и на регионот, кој зборува многу повеќе од кое било чепкање по минатото.

– Еснафот е тој што успеа да ја одржи Чаршијата во живот. Но, благодарение на визијата на новата генерација политичари која ќе се рефлектира и на идните, после нив, како и со многу повеќе добра волја и деполитизација од секаков аспект, ќе го постигнеме она што сакаме, потенцира Кучи.

Иницијативата на стопанствениците според кои Чаршијата не смее да остане локален предизвик, место кое само периодично ќе го буди интересот на граѓаните и туристите, е целосно поддржана од Министерството за економија и Општина Чаир.

– Порано зборувавме како да иницираме активности кои ќе ја подобрат сликата на Старата скопска чаршија, но сега тоа е минато. Општина Чаир реализира проект кој предвдува поврзување на сите делови на Македонија, на сите култури и ентитети што всушност е позитивен сигнал и показател за начинот на кој државата треба да функционира, изјави ресорниот министер Беким Незири.

Во Чаршијата, додаде, мора да се вратат старите семејни бизниси кои биле традиција и ја правеле препознатлива преку интензивно промовирање на економските вредности.

– Како порано и сега, Чаршијата и во иднина ќе претставува место каде што ќе бидат собрани сите националности и бизнисмени од земјава и целиот Балкан, подвлече Незири.

Тој за идната година најави максимална поддршка и двојно поголем буџет за активностите во Чаршијата.

– Чаршијата треба да претставува симбиоза меѓу културата и економијата. Тоа е најдобрата инвестиција и пораката од денешната манифестација, потенцира градоначалникот на Чаир Изет Меџити, додавајќи дека веќе не станува збор за тоа како да заживее Чаршијата, туку каква форма да се даде на заживувањето.

„Чаршијата и пријателите“ денеска ќе понуди локум-забави, дегустирање сирења и вино, културни перформанси, бизнис средби, неформални контакти, дружење,… Можен ли е Кебаб фест како мултимедијален и бизнис проект за чаршиите – мостови на Балканот и Европа?“ и „Како до 2015-та“?, се само некои од темите на кои ќе дебатираат поканетите бизнисмени, градоначалници, амбасадори, јавни личности,… Сите зборуваат на мајчин јазик зашто тоа, порачаа, се јазиците на Чаршијата.

Настанот се одвива на повеќе локации низ Чаршијата. Посетителите можат да „одат“ по стазите на Кебаб-сокакот, да јадат десетка со кромод во „Пчела“, да пијат турско кафе или чај во чајџилниците.

За културно-уметничкиот дел се задолжени познати имиња од домашната естрада.

 МИА