Скопски малолетник за три часа нападал три старици, украл автомобил и направил сообраќајка

Скопски малолетник за три часа извршил пет кривични дела и причинил штета од околу 700.000 денари. Пред полицијата кажал дека постаро момче го терало да ги изврши кривичните дела.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека е приведен 14-годишен малолетник кој завчера во Драчево направил вистински хаос, напаѓал старици, украл автомобил и предзвикал пожар.

Според информациите од МВР малолетникот завчера во периодот од 14 до 17 часот, покрај извршеното кривично дело  „предизвикување општа опасност“, извршил уште четири кривични дела при што се стекнал со противправна имотна корист од околу 5.000 денари, а предизвикал материјална штета од околу 700.000 денари.

Малиот насилник и разбојник се товари за „разбојништво во обид“, „одземање на моторно возило“, „тешка кражба на особено дрзок начин“ и „тешка кражба на особено дрзок начин во обид“.

Полицијата соопшти дека серијата на кривични дела пријавениот ја започнал со разбојништво во домот на 85-годишна старица на улицата Жарко Зрењанин во Драчево, каде тој, заедно со уште едно засега неидентификувано дете на десетгодишна возраст, ја нападнале барајќи и пари.

Откако во домот на старицата не успеал да најде материјални добра, малолетникот, заедно со детето се упатил на улица Румена Хаџипанзова, каде забележал автомобил  „Сузуки Свифт“, кој отклучен  и со клучеви на контакт бравата.  Тој го стартувал автомобилот и возејќи на улицта „Првомајска“ предизвикал сообраќајна незгода, во која  немало повредени, но имало материјална штета од околу 180.000 денари.

Оставајќи го автомобилот  на местото каде ја предизвикал сообраќајната незгода, пријавениот се упатил кон улицата Антон Димитров, каде прво вербално нападнал 78- годишна старица, а потоа извршил тешка кражба на особено дрзок начин, грабнувајќи и златен гердан од вратот со што се стекнал со противправна имотна корист од околу 5.000 денари.

Оттаму, повторно се упатил кон ул.ицата  Румена Хаџипанзова, каде пресретнал  57- годишна жена, на која се обидел да и ја грабне чантата од рамото, но кога не успеал во намерата, ја турнал во канал, кој бил во непосредна близина и 15 минути не и дозволувал да излезе од каналот.

Последниот инцидент го извршил во домот на неговата баба на улицата Речиште, каде тој прво ја демолирал покуќнината, а потоа предизвикал пожар, кој бил локализиран од пожарникарите.

Во дадената изјава во полициска станица, пријавениот изјавил дека тој не сакал да ги извршува кривичните дела, но бил принудуван од едно 24 годишно лице од населба Драчево, додека во врска со малолетното дете пријавениот одбивал да го открие неговиот идентитет, а сите оштетени во дадените изјави посочија, дека детето не учествувало во извршувањето на кривичните дела, туку дека од пријавениот било принудувано да се движи со него.

Малолетникот си заработи кривична пријава.