Скопскиот аеродром е четврти најбрзорастечки во Европа

Скопскиот аеродром „Александар Велики“ е четврти најбрзорастечки аеродром во Европа во категорија под 5 милиони патници годишно.

Според европското аеродромско трговско тело АЦИ Европа, во чиј извештај се опфатени сите цивилни воздухопловни патнички летови (мрежна покриеност, ниска цена, чартер летови и друго), најбрзорастечки аеродром во оваа категорија е молдавскиот аеродром во Кишињев со раст на бројот на патници од 32% во првото полугодие од годинава, објави Вечер.

По него следува белградскиот аеродром “Никола Тесла“ со раст од 33%, па атинскиот аеродром и веднаш по него е нашиот “Александар Велики“ кој со превезени 559.779 патници во првото полугодие од годинава забележа раст од 18,5%.

Растот е уште поголем во текот на јули кога е екот на летната сезона и кога се обавуваат најголем број од чартер летовите кон светските туристички дестинации. Според податоците на ТАВ Аеродроми објавени на нивната интернет страница, во јули на скопскиот аеродром биле прифатени и отпремени вкупно 132.227 патници што е раст од 17,6% во однос на истиот месец лани или вкупно двата македонски аеродроми (скопскиот и охридскиот) минатиот месец заедно забележале 144.784 патници што е раст од 12% во однос на јули 2013 година. Или, за седум месеци низ “Александар Велики# и “Свети Апостол Павле# поминале 704.563 патници што е раст од 17% во однос на истиот период 2013 година. Статистиката на ТАВ говори дека во последните 12 месеци (од 13 август 2013 година до 14 јули 2014 година) низ двата домашни аеродроми поминале 1.170.685 патници со што е надмината бројката од еден милион патници. Во тој период претходната година биле забележани 997.345 патници.

Позитивни се бројките и во остварените летови. Во јули од двата аеродроми биле обавени 1.463 комерцијални летови што е раст од 5% споредено со истиот тој месец лани кога имало 1.388 летови. Или, во периодот јануари-јули 2014 година се евидентирани 7.795 полетувања и слетувања на воздухоплови што е повеќе за 9% во однос на седумте месеци лани, пишува Вечер.

Според АЦИ Европа, во првото полугодие од годинава европскиот аеродромски сообраќај пораснал за 5,5% и тоа кај аеродромите во рамки на Европската унија растот е 4,5%, додека кај не-ЕУ аеродромите е поголем и изнесува 8,7%, додека за растот на аеродромите што не се во рамките на ЕУ коментираат дека во тој растечки процент се влезени резултатите од остварениот сообраќај на авиопристаништата и во Исланд, Израел, Норвешка, Русија, Швајцарија и Турција. Од АЦИ Европа овие бројки ги поврзуваат со враќањето на економскиот раст во Унијата што се потврдува и со растот од 4,6% во товарниот авиотранспорт.

– Резултатите од првите 6 месеци не само што ги отсликуваат подобрените економски услови во Европа, туку ја покажуваат се поголемата побарувачка за воздушен транспорт на стоки, што е добра вест за авиоиндустријата – изјави Оливие Јанковец, генерален директор на АЦИ Европа кој, сепак, е претпазлив и очекува во втората половина од годинава да има значителни неизвесности не само за европската економија, туку и на глобално ниво поради геополитичките ризици во Европа.