Скопските градоначалници со предлози за наминување на арозагадувањето

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, денеска  одржа работна средба со градоначалниците од скопскиот плански регион на која се разговараше за загадувањето на воздухот во градот и во околината.

– Ги поканив сите 17 градоначалници од општините во скопскиот плански регион за да разговараме за аерозагадувањето, за главните причинители, како и за можните мерки што би можеле да ги предложиме или преземеме за да се справиме со оваа непожелна состојба. Воздухот не познава граници. Овој воздух сите го дишеме и токму поради тоа за проблемот со аерозагадувањето не треба да тераме политика. Ве повикувам сите заедно да работиме на решавање на овој предизвик – граѓаните, моите колеги градоначалници и сите надлежни служби да се ангажираме и да се вклучиме во заштитата на амбиентниот воздух од загадување – нагласи денеска градоначалникот Трајановски.

Трајановски наведе неколку предлози за кои градоначалниците од скопскиот плански регион разговараа на денешната средба.

– Разговаравме за можноста Градот Скопје, општините и централната власт да субвенционираат проширување на топловодната мрежа и вклучување на домаќинствата кон топловодната мрежа, како и за можноста сите станови во една станбена зграда без исклучок да бидат приклучени на мрежата за парно греење. Воедно апелирам до БЕГ и до „Елем Енергетика“ да размислуваат за намалување на цената на парното греење, за што со нив ќе разговараме на официјална средба. Со моите колеги градоначалници зборувавме да се вклучат во субвенционирањето на граѓаните за набавка на печки на пелети, како и да се изготви правилник за користење цврсти горива со кој во догледно време ќе се забрани употребата на нафта, јаглен и други недозволени материјали за затоплување на домаќинствата. Разговаравме за можноста општините да субвенционираат други видови загревање во домовите за што тие ќе направат анализа, како и можноста општините да се вклучат во субвенционирањето велосипеди и во изградбата на велосипедски патеки на улиците коишто се под нивна надлежност. Градот Скопје веќе изгради 2 велосипедски рути, а во годинава што е пред нас ќе се изградат уште две велосипедски рути од обемниот проект „СКОПЈЕ ВЕЛОГРАД 2017“. Со формирањето на новата Влада очекуваме итно да се објави тендерот за гасификација на Скопје. Од микромерките кои секојдневно ги спроведуваме ќе споменам дека ќе ги интензивираме контролите кај инсталациите кои подлежат на Б-интегрираните дозволи, а општините ќе ги контролираат помалите капацитети кои подлежат на Елаборатите за заштита на животната средина. Продолжуваме и со прскање на градските сообраќајници со средството калциум магнезиум ацетат, за контрола на ситната прашина. Градот Скопје годинава почна со субвенционирање печки на пелети, а за наредната година обезбедивме двојно повеќе пари за таа намена. Исто така, сакам да нагласам дека воведувањето пар-непар кај автомобилите како мерка за намалување на загадувањето од сообраќајот не е во надлежност на Градот Скопје, туку за таа мерка треба да се произнесат министерствата за внатрешни работи, за здравство и за животна средина и просторни планирање – рече Трајановски.

За потсетување, според податоците што се содржат во Планот за подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух на подрачјето на Скопскиот регион и во Краткорочниот план за квалитет на воздухот во Скопскиот регион што ги изработија Финскиот институт за метеорологија, Австриската агенција за животна средина, Градот Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање, во Скопје и скопскиот регион најголемото загадување со ПМ10 честички во воздухот потекнува од:

– загревање на домаќинствата – 32%,
– сообраќајот – 20%,
-прашина создадена од неуредените површини, уличната прашина и прашината од градежните активности – 19%,
– индустријата – 18%,
– сулфатни соли – 7%,
– нитратни соли – 2%, и
– прекуграничен пренос на загадувачки супстанции – 2%.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.