Скопските градоначалници ги повикаа граѓаните масовно да присуствуваат на утрешниот собир

Во име на сите градоначалници од Скопје, кои денес беа присутни  прес – конференцијата во ВМРО – ДПМНЕ, претседател на Градскиот Комитет Скопје на ВМРО-ДПМНЕ Ивица Коневски упати апел и ги повика граѓаните на Скопје утре, во понеделник, во 20 часот пред Собранието на Република Македонија, масовно и одлучно да се приклучат на големиот митинг за поддршка на стабилна и силна Македонија.

– Собирот во понеделник ќе упати неколку јасни пораки, Македонија е нашата татковина која заслужува стабилност, просперитет и подобра економска иднина. Овој собир ќе даде јасно до знаење дека само преку демократски избори народот одлучува кој ќе биде власт, а кој опозиција во нашата држава. Граѓаните јасно и гласно ќе кажат дека се против насилните демонстрации и црните сценарија за дестабилизација на Македонија“ , потенцира Коневски.

Градоначалниците од редовите на владејачката партија ги повикаа граѓаните на Скопје, Македонци, Албанци, Срби, Турци, Роми, Бошњаци, Власи и други на мирен собир, со кој, како што рекоа, сите заедно ќе покажеме дека Македонија ни е премногу важна, за некој да се обидува да и наштети само за да ги оствари тесните партиски и лични интереси.

– Во понеделник во 20 часот пред Собранието на Република Македонија, преку масовна поддршка како никогаш досега, народот одлучно ќе даде до знаење дека не се согласува со деструктивната политика на опозицијата што штети на националните интереси и интересите на граѓаните. Граѓаните сакаат силна, стабилна и просперитетна Македонија и тоа сите заедно ќе го покажеме во понеделник, потенцира Коневски.