Скопските угостители подготвени за почетокот на СП во фудбал

Скопските угостители се подготвени и во „полн фазон“ ги очекуваат гостите во пресрет на отворањето на Светското првенство во фудбал кое ќе се одржи во Бразил. Тие ги повикуваат сите љубители на фудбалот и на спортот да излезат да се забавуваат, да ги проследат натпреварите и да го бодрат својот фаворит во нивните локали.

– Подготвени сме да ги пречекаме навивачите и љубителите на фудбалот заедно да го проследиме Светското Првенство. На сите агли во кафулето има поставено телевизори. Имаме и изненадувања за гостите, како и наградни игри, но тоа ќе биде во второто коло на натпреварите. Жалосно е што Македонија не учествува на Првенството, тогаш би било поинтересно, но секој си има свој фаворит, па очекуваме и навивачки групи, вели сопственикот на кафулето „Чао“, Стојанче Бојков.

Кафулињата во центарот на градот веќе се преполни, а граѓаните со нетрпение го очекуваат почетокот на мундијалот. Угостителите велат дека очекуваат позитивна енергија, весела атмосфера и се надеваат дека се ќе помине во најдобар ред. Воедно гостите ги очекуваат и посебни изненадувања и промотивни акции за пијалоци и храна во кои ќе можат да уживаат за време на натпреварите.

Во некои од скопските кафулиња веќе се е резервирано, а има и најава за присуство на навивачки групи, како од Македонија, така и од странство.

-Секој има омилена репрезентација, навивачките групи бодрат различен фаворит, па очигледно е дека атмосферата ќе биде интересна во однос на дофрлените шеги еден кон друг, вели сопственикот на „Скара ресторан 7“, Цале Попов.

Државни знамиња се вејат, а банери во знакот на Светското првенство го красат речиси секое кафуле низ градот, а некои од локалите имаат поставено дополнителни телевизори и видео бимови се со цел да бидат задоволени потребите на сите љубители на фудбалот.

Како што пишува „Вест“ продажбата на телевизори во продавниците за бела техника е зголемена. Сите сакаат што е можно поголем екран, а цените на најбараните модели обично се движат од 20 илјади до 40 илјади денари.Најпопуларни се смарт телевизорите кои имаат поголеми опции за подобро следење на мечовите.

Угостителите велат дека во сето ова има само еден мал проблем. Со оглед на тоа дека некои натпревари започнуваат точно на полноќ, а скопските локали работат до 1 часот по полноќ, угостителите апелираат до надлежните да се направи отстапка и се надеваат дека работното време ќе биде пролонгирано, бидејќи како што велат тоа ќе биде во корист за нив и за гостите, а воедно и за градот.