Отворено Скопско лето 2015

Отворено Скопско лето 2015

Со премиерата на балетската претстава „Заспани убавици“ вчеравечер во Салонот на Македонската опера и балет свечено беше отворено „Скопско лето 2015“, една од најголемите културни Манифестации во Скопје и во земјава.

На свеченото отворање на 36. издание на овој фестивал, присуствуваше и  претседателот на Советот на Град Скопје,  Ирена Мишева, која официјално го прогласи за отворен.

– Со препознатлив ентузијам и посветеност, пред 36 години, на 21 јуни – календарскиот почеток на летото и Светскиот ден на музиката, Дирекцијата за култура и уметност ја започна долгата историја на „Скопско лето”. Веројатно неочекувајќи дека, и покрај упорноста и истрајноста, овој фестивал ќе прерасне во културно обележје и симбол на уметничкиот живот во нашиот град, ентузијастите на Дирекцијата ни докажуваат дека за уметноста не постои ни време ни простор како ограничувачки фактор. Во изминативе години на „Скопско лето” настапија голем број изведувачи и ансамбли, понудувајќи и ја на љубителите на уметноста својата изведбена виртуозност и творечка енергија во различни жанрови и уметнички правци во областа на музиката, театарот, филмот, литературата, ликовните уметности, како и мултимедијалните перформанси и спектакли што им додаваат духовна содржина на отворените градски простори кои што вообичаено се користат за секојдневните потреби на граѓаните, како и простори наменети за настани од областа на културата, што во летниот период се незначително искористени. Постоењето на фестивалот „Скопско лето” е важно затоа што во текот на 40 дена, во веројатно најтоплиот период од годината, успева да го привлече вниманието на публиката што е гладна за уметнички настани, да задржи во градот значителна група скопјани, како и да го привлече вниманието на странските посетители, на градски локации со специфична историска и естетска вредност: од Матка до Марков манастир, од Старата скопска чаршија до падините на Водно, како и на веќе познатите простори за уметничка интерпретација. Всушност, Скопско лето дава исклучителен придонес кон богатата туристичка понуда на Скопје. И оваа година, програмите ќе се реализираат на над 20 локации и простори во Скопје, како што се: театри, ликовни галерии, музеи, Старата скопска чаршија, Сули ан, Куршумли ан и во централното градско подрачје. Почитувани сограѓани, Ви пожелувам 40 пријатни летни вечери исполнети со уметност презентирана од 700 учесници, од кои 190 од странство, во 59 термини на 65 проекти, од коишто 4 премиерни изданија, а на организаторите уште едно успешно фестивалско издание – истакна претседателот на Советот на Град Скопје,  Ирена Мишева.

Официјалното отворање на Фестивалот, на првиот ден на летото и Светскиот ден на музиката, беше одбележано со специјалната премиера на балетската претстава „Заспани убавици“ по романот на Јасунари Кавабата „Куќата на Заспаните убавици“, по кореографија на Саша Евтимова,  а во продукција на Македонската опера и балет.  На музика на: Рихард Вагнер, Едвард Григ, Ј. С. Бах, Густав Малер, Милан Димушевски, настапија: Александра Мијалкова, Васил Чичиашвили, Наташа Николова, Гиорги Беридзе, Мирјана Поп-Алексова Атанасовска, Бобан Ковачевски, Марија Шокаровска, Игор Веланоски, Билјана Басмаџиева, Агим Бафтии   и  Саша Ефтимова.

Отворањето на Скопско лето 2015  го означи уште еден културен настан,  со почеток во 20.00 часот во Национална галерија на Македонија –  Мала станица, изложба по повод 25 години  Галичка ликовна галерија „Просторна екстензија на уметноста“ со дела на Урош Ѓуриќ  од Србија, Дејвид Голденберг од Велика Британија, Ајсберг Фернандез  од Шпанија, Маурин Бахаус од Холандија, Која Исуфи од Косово и ОПА (Слободанка Стевческа и Денис Сарагиновски) од Македонија.

Под покровителство на Градот Скопје и Министерството за култура на Република Македонија, овогодишното „Скопско лето“ од 21 јуни до 31 јули, на дваесетина различни сцени и отворени локации во градот, ќе понуди шеесетина програмски термини на концерти на класична, народна и џез музика, драмски, балетски и оперски претстави, изложби и филмски проекции, специјални проекти и премиери. Главниот град на државата ќе пулсира во ритамот на творешниот немир и креативноста на  домашните уметници, а Скопје и оваа година ќе биде домаќин на безмалку 200 уметници од 18 странски држави од целиот свет, од Јапонија и Израел, преку Бугарија, Грција, Србија, Словенија, Унгарија, Германија, Холандија до САД и Аргентина.