Речиси 40.000 семејства нема да плаќаат радиодифузна такса

Триесет и девет илјади социјални семејства ќе бидат ослободени од плаќање на радиодифузна такса, а долговите од минатото ќе им бидат отпишани, соопштија денеска министрите за труд и социјална политика и информатичко општество и администрација, Диме Спасов и Иво Ивановски.

Министерот Спасов истакна дека се преземаат конкретни мерки за социјално ранливите категории со цел да им се олесни секојдневното живеење.

„Ослободени од плаќање на радиодифузна такса, според новите законски измени, се примателите на социјална помош и постојаните приматели на помош. Тие доживотно ќе бидат ослободени од плаќање на такса. Ослободувањето ќе се врши на тој начин што министерството ќе изработи список на приматели на помош. Списокот ќе биде доставен до министерството за информатичко општество, УЈП и МРТВ“, рече Спасов.

Тој додаде дека Владата во моментов работи и на неколку други мерки кои ги опфаќаат социјално-ранливите категории, како отпис на долгови за електрична, топлинска енергија, долгови на кредитни картички, проектите енергетска сиромаштија, топол дом…

Во моментов во Македонија има 34 илјади приматели на социјална помош и 5 илјади примачи на постојана парична помош.

Министерот Ивановски истакна дека социјалните корисници кои имаат долгови кон јавниот сервис ќе бидат изземени од извршување на наплата од страна на Управата за јавни приходи.

„Во моментов работиме на систем за креирање на јавниот радиодифузен сервис со кој ќе се оформи модел за сигурна наплата на радиодифузната такса и ќе се подобри програмата“, вели Ивановски.

На крај Ивановски додаде дека од буџетот за МРТВ годишно се одвојуваат 240 милиони денари.