Шкотска формира експертска група за испитување на сите аспекти од Брегзит

Првиот министер на Шкотска и лидер на Шкотската национална партија (СНП), Никола Старџен изјави денеска дека Владата во Единбург формирала специјална експертска група за испитување на сите аспекти од Брегзит и влијанието од излегувањето на Велика Британија од ЕУ, пренесува МИА.

Мнозинството Британци на референдумот во четвртокот се изјаснија за излегување на земјата од Унијата, по 43 години членство.

Гласачите во Лондон, како и во Северна Ирска и во Шкотска, во големо мнозинство се определија за останување на Британија во ЕУ.

Шкотските гласачи кои во септември 2014 година, се определија за останување на нивната земја во рамките на Велика Британија, сега гласаа против Брегзит. Дури 62 отсто од гласачите се определија за останување во ЕУ, додека 38 отсто од Шкотланѓаните гласале за Брегзит.

Уште во текот на кампањата за референдумот за ЕУ, а посебно по минатонеделното изјаснување, Старџен и шкотските политичари порачаа дека ЕУ останува стратешка цел на Шкотска, како првостепен национален интерес. Тие сега инсистираат дека нема да прифатат „Англичаните да им ја одредуваат судбината“.

Првиот министер Старџен утре патува во Брисел, каде е предвидено да се сретне со претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц, како и за низа европски правни и уставни експерти.

Засега не е предвидена средба на Старџен со претседателот на Европскиот совет Доналд Туск и со претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер.

Таа во Брисел ќе разговара за идните чекори околу позицијата на Шкотска во новонастанатата ситуација по референдумот.

Старџен нагласи дека таа ќе направи се за да ги заштититат шкотските национални интереси.

Во расправата во шкотскиот Парламент Никола Старџен рече дека засега не се покренува идејата за нов референдум за отцепување на Шкотска, но дека таквата опција останува да се покрене во секој момент.