Скршил стакло од автобус за да го нападне возачот (ФОТО)

Нервозен возач во скопската населба Кисела Вода во вторникот му го пресекол патот на автобус на градското сообраќајно претпријатие и откако скршил еден од прозорците на возилото физички го нападнал возачот повредувајќи го со палка во главата.

Bo вторникот околу 14,15 часот било пријавено дека во Скопје на улицата „Народни херои“ во близина на крстосницата со улицата „Ѓорѓи Димитров“, 33-годишниот Д.А.(33) управувајќи патничко возило „застава“ со скопски регистерски таблички му го пресекол патот на автобусот на ЈСП бр.24, управуван од 52-годишниот М.И.

Возачот на „заставата“ излегол од возилото, искршил еден од прозорците на автобусот и физички го нападнал М.И. со дрвена безбол палка во пределот на главата.

Од страна на полициски службеници Д.А. бил лишен од слобода и приведен во ПС-Кисела Вода за понатамошна постапка.

Околу два часа претходно на истата локација случена е и сообраќајна несреќа меѓу автомобил „хјундаи“ и „ТАМ“ во која е причинета само материјална штета.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.