СКСЗМ го предлага Неби Хоџа за кандидат за вицепремиер за економски прашања во новата влада

Стопанска комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) од идната влада ја побара функцијата заменик-премиер од редот на бизнисот и за тоа во саботата го предлаожи Неби Хоџа.

СКСЗМ од идната влада ја побара функцијата заменик-премиер од редовите на бизнисот, за што, како што беше соопштено, било дискутирано на средбите со лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и на кои е потенцирано активното учество во извршната власт и целосно усогласување на интересите на бизнисот со владините политики.

Од оваа комора потенцираат дека бизнисот треба да има пристап во подготовката на законите пред тие да ги поминат филтрите на владата, а не откако ќе влезат во собраниска процедура.

Предлогот за кандидатот за вицепремиерот за економски прашања да биде Неби Хоџа е усвоен со мнозинство гласови на состанокот на Управниот одбор на СКСЗМ кој се одржал во петокот.

„Со оваа функција во новата влада, СКСЗМ очекува да придонесе кон подобрување на комуникацијата помеѓу извршната власт и бизнис секторот во врска со проблемите и дилемите кои влијаат на правењето бизнис. Бараме зголемено учество на бизнис заедницата во подготовката на законите и усогласување на законските измени со барањата и потребите на бизнисот и активно учество во контролирање на владините економски политики“, соопштија од СКСЗМ.

Додаваат дека идејата за ваквата иницијатива е „заморот“ од неизвесната политичка клима, несигурноста, недостигот од пари во бизнисот и многу други проблеми кои го попречуваат работењето.

Претставниците на оваа регионална стопанска комора сметаат дека „е време бизнисот да биде вклучен заедно во изработката и спроведувањето во пракса на економската и развојната политика на државата“.