СКСЗМ: Побрзо формирање влада за да нема застој во бизнисот

Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) очекува поскоро формирање нова влада која, како што беше речено денеска на прес-конференција, со забрзано темпо ќе ги преземе надлежностите, ќе го забрза функционирањето на институциите и ќе овозможи непречено работење на бизнисот.

Годинава што изминува, токму поради политичката криза, беше полна со предизвици, но и претстојната, 2017-та, нема да биде многу подобра, оценува Комората.

Компаниите-членки не се оптимисти. Прогнозираат дека растот ќе достигне најмногу 2,5 отсто од БДП. Се пожалија на неконструктивен пристап од страна на досегашната влада, на спроведување популистички, наместо конкретни мерки за поддршка на стопанството, на нерамномерен регионален развој и на нееднаков третман на домашните и странските инвеститори.

– Не сме оптимисти. Сметаме дека на земјава и претстои турбулентен период на економски план зашто влегува во новата година со речиси истите проблеми, а ја очекуваат и уште едни избори, локалните, истакна извршниот директор на СКСЗМ Фатмир Битиќи.

Јавниот долг, буџетскиот дефицит, легислатвата, административните постапки, инфаструктурата и дупките во пензискиот фонд, остануваат, додаде, најголеми предизвици.

– Не можеме да кажеме дека компаниите не работеа, дека извозот не се реализираше, но сето тоа не беше во рамки на оптималните можности. Годинашните резултати се генерално позитивни, но, сепак, вистинската состојба ќе ја покажат завршните сметки во март 2017, нагласи Назим Ејупи од Комората.

Во споредба со лани, дополни, политичката слика е појасна.

– Изборите завршија и сега очекуваме формирање нова влада во законски утврдениот период. Ако постапката се пролонгира и ситуацијата повторно се усложни, тоа секако ќе значи застој, пред се во функционирањето на институциите, а индикретно, и во бизнисот, укажа Ејупи.

Стопанската комора на северозападна Македонија во текот на 2016-та до владата доставила 35 барања, меѓу кои отворање на терминалот Јажинце – Блаце, помош за дуќанџиите во Сингелиќ кои претрпеле околу 15 милиони евра загуба и неселективно третирање на странските инвеститори, но усвоени и биле само две, технички, кои се однесувале на поддржување домашни, наместо странски советници во фирмите. Како што посочи Битиќи, во западниот дел на Македонија има само две инвестиции (Тетово и Кичево), што е ништо во споредба со останатите региони.

– Кој и да ја формира новата влада, ќе настојуваме да соработуваме, да влијаеме во донесувањето на одлуките со единствена цел – создавање подобри услови за водење бизнис, потенцира Ејупи.