Сламков за РСМ: Антикорупциска отвора предмети и за власта и за опозицијата

Државната комисија за спречување на корупцијата, до август годинава поднела до УЈП 50 барања за испитување на имотна состојба.

-Минатата година,таа бројка изнесуваше 35. Одделението за евидентирање и следење на имотна состојба, досега има поднесено 44 барања за поведување на прекршочна постапка, за разлика од лани, кога беа поведени 36 постапки за прекршочна одговорност. Одделението за судир на интереси, поднесе барање за поведување на прекршочна постапка против 15 судии и 6 пратеници од новиот состав, кои до Државната комисија за спречување на корупцијата не поднеле изјава за интереси.

Ова податоци ги изнесе Претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата, Ѓорѓи Сламков, во „Неделното интервју “ на Радио Слободна Македонија, како илустрација на сработеното во комисијата во изминатиот период, наспроти прозивките дека замрела антикорупциската борба во Македонија.

Сламков потсети и на четирите иницијативи за кривично гонење што ги поведе комисијата, против поранешен градоначалник на Арачиново, одговорни лица во Советот за радиодифузија,директор на средно училиште во Скопје, одговорни лица во МЖ-транспорт.

Антикорупциска досега отворила 18 предмети по сопствена иницијатива, додава Сламков. Тој вели дека комисијата постојано ги следи случувањата во јавноста и навремено дејствува. Сламков додава, дека комисијата не е селективна во своето постапување.

-Имаме предмети против луѓе што се на власт и против лица кои се во опозиција. Постапките за сите се исти, затоа што неселективноста е наша карактеристика. Штом ќе утврдиме дека има основи за поведување на постапка, не не’ интересира име и презиме или функција, категоричен е Сламков.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.