Славјаноалбанците се неосвестени Бугари

 

Е нема, оти некој пресече, велат дека тоа бил дедо Петар, а дедо Стефан благословил, па Синодот думаше, гласаше и изгласа. На владиките и свештенството им се забрани Фејсбук. А зошто така? Што е муабетот, кај е бељата? И тоа ни го кажаа. Злото во Фејсбукот било вмрежено, па можеш ти сега до бесконечност и назад да им објаснуваш дека злото е во луѓето и од човек на човек се префрла, можеш да им црташ дека пизмата не е кај мрежата, туку до оној што ја има во рацете, како што еден каменот за орев да скрши го користи, а друг за глава да расцепи, ама џабе, оди ти убеди некој што се отуѓил од светото и световното заради сопствената удобност, пробај објасни му, кажи му дека на сета вмрежена злоба, профилите на многу свештеници беа како духовни храмови, ем за ука, ем за смирение, пробај и ќе видиш, џабе, ништо, празно. До отуѓени не се допира. Тие се далеку од нас, брзаат во своите џипови да стигнат први во рајот, ќе го најдат Бог на ЏПРС побрзо од нас.

О да, се налутив. Ми ја укинаа можноста, моја и на многу верници, среде вмреженото лудило до убав збор да стигнеме. И уште нешто ќе им кажам. Злото не е само на Фејсбук, злото е онаму кај што се луѓето, значи секаде околу нас. Ајде сега да ги затворите храмовите за злото да не влезе внатре, да му забраните на свештенството да биде околу нас, па вие да станете, ако веќе не сте станале, како средновековната византиска црковна елита, а ние да почнеме да си го бараме богомилството во нас. Наместо да донесете забрана за промена на името (бескрајно им благодарам на оние што јавно го пропагираат ова), да се заканите дека ќе ги анатемисате политичарите ако само се осмелат буква да чепнат, да им плеснете в лице дека ќе го кренете народот да замава по нив, вие удри по Фејсбукот. Е значи големо зло отепавте.

Туку сериозност настрана, ова ми звучи како она монтипајтоновското, по лејката да тргнеме или наланата да ја следиме? Не бе, за зборот треба да се фатиме, ако е праведен од него да учиме, ако е злобен, со него да се судриме. Ама ајде, што знае грешник како мене? А и тој Исус, Господ наш, чуден беше кога се отелотвори, саде меѓу грешници се вмрежи за таму да проповеда, па оние надредените му рекоа, марш од мрежата, и го распнаа и забранија. Можеби многумина не ме разбраа, ама ова и не беше наменето за многумина, туку за малкумина.

Името, а? Славјаноалбанска Македонија. Е, не може бе, не давам, а кај ви е географската одредница? Тамам се навлеков на сложеното име со географска одредница, тамам географски одлучив да се одредам во време, простор, глупост и вселена, Грчиштава онака нагло ми креваат рачна, глава човек да сокрши. Затоа давајте ваму славјаноалбанска горносеверна Македонија и да не се заебаваме многу. А и друго нешто ме буни во предлогов. Од имево излегува дека Албанците се Славјани што живеат на територијата Македонија. Јазикот гарант ќе биде славјаноалбански. Албанците како малцинство ќе ја делат државата со мнозинството славјаноалбанци. И пак фрка со Бугарите. Вие, славјаноалбанците сте неосвестени Бугари, ќе ни речат. А циганоскопјаните во која графа да ги ставиме, а? Нив зошто ги нема во одредницата? Нели е покоректно циганоскопска славјаноалбанска горе на север Македонија, па дури стигнеш до зборот Македонија си заборавил што сакаш да кажеш. Башка со новиов предлог гарант му направија збунка во главата на Денкота Малевски. Од каде сега човекот да почне со броење историја?

Туку да го оставиме грчкиот идиотизам настрана. Грциве навистина се фрик-шоу. Веќе не се ни срамат да го покажат тоа. Којзнае колку се потеле оние во Брисел дури не смислиле што да ни каже Ховит, гарант превртувале низ умовите флоскули и демагогии дури не стигнале до она, не се само вашите соседи против датум за преговори, има други членки чии имиња нема да ги откријам, значи којзнае колку прашоци испробале за да ја заташкаат кашканицата од своите бриселски гаќи наречена Грција, кога траас, од Атина пак им се посраа на кредибилитетот.

И сега Ховит може и во хобит да се преправи, џабе му е. Ете им ја нааа толкава Грција, сосе нејзините предлози и црвени линии, нека ни докаже сега некој дека идентитетот не е во прашање. Еве Али Ахмети нека го обучат да нѐ убеди. Го слушам, ќе сме ги береле плодовите на неговата дипломатска офанзива кон крајот на декември. Немој Али, жити мајка! Плодовите на твоите офанзиви од две илјади и првата поддржани од истите спонзори каде што сега се рашетуваш сѐ уште ни стојат во грло, затоа немој, остај, батали нѐ нас, оди на Грците предложи им хеленската република да си ја преименуваат во грчко-македонска чемерија, оти они се нели ем Грци, ем Македонци, а на друг во животот чемер да му создадат, махери се. Во меѓувреме ние можеме и без Европската Унија ќебапи да јадеме, макар месото и да не е пред нас мелено. Мислам, ако владава запре да ни се меша во чкембе-чорби и кукуреци.

Туку, како беше она хамлетовското, елитизам или популизам, прашање е сега? Да ги слуша човек отстрана нашиве политичари и експерти ќе си рече, види, сериозна политика, сериозна држава, дебатираат кој правец да фатат. А ние само така, на муабет сме јаки, во практиката сѐ уште ни кројат политички „ма се зезам“. Од независност наваму сме во политички „ма се зезам“. Почнете од уставното ни име, па ќе стигнете до пелените на Прометеј. Не ви е јасно?

Како ви се вика државата?
Република Македонија.
Како, како?
Ма се зезам само. Ај нека биде ФИРОМ, па ќе видиме за потоа. Ама ќе ни ја тргнете пелената од името, така?
Сами ќе си ја тргнете кога ќе пораснете.
Пораснавме ли?

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.