Славјанск, Краматорск и Мариупољ повторно на мета на проруските сепаратисти

Силите на самопрогласената Доњецка Народна Република (ДНР) планираат повторно да ги заземат градовите Славјанск, Краматорск и Мариупољ, изјави денеска премиерот на оваа област Александар Захарченко.

– Ќе следат периоди на интензивни судири. Ние повторно ќе ги заземеме Славјанск, Краматорск и Мариупољ. За жал, беше невозможно мирното решение да се стави во центарот на преговорите. Ние сме единствени кои го почитуваат режимот на тишина, истакна Захарченко.

Тој на почетокот од оваа недела нагласи дека гранатирањето на Доњецк го поткопува преговарачкиот процес меѓу Киев и самопрогласената ДНР.

– Повеќе нема разговори за прекин на огнот. Секако дека нема да седнеме на преговарачка маса со Киев, додаде Захарченко.

Властите на ДНР повеќе пати истакнуваа дека самопрогласената република никогаш нема да биде дел од Украина, а минатата недела Захарченко ги најави плановите за издавање пасоши на ДНР.