„Славните служат – славните дружат“, да му помогнеме на малиот Никола

На 25-ти мај, во недела со почеток во 21 часот, во скопското кафуле „Драма“ на улица Македонија, ќе се одржи хуманитарна забава наречена „Славните служат – славните дружат“, која има за цел да собере средства за малиот Никола Николовски кој има потреба од операција на срцето. Славните што ќе служат и ќе не дружат овој пат ќе бидат Влатко Илиевски, Ана Стојановска, Тајзи, Пеце од Суперхикс, тимот на Бекстејџ и Александар Тарабунов.

Половина од средствата собрани преку купување на пијалоци ќе бидат донирани за младиот Никола, а целиот бакшиш што ќе го добијат „славните келнери“ ќе биде дониран во хуманитарни цели.

Затоа отворете ги срцата и паричниците, забавувајте се, оставете бакшиш, почестете некого пијачка и дојдете без автомобил.

Средствата собрани од забавата ќе бидат донирани за Никола Николовски бидејќи боледува од заболување на срцевиот мускул – хронично заболување на нервниот систем, ретка болест за која е потребна операција во Германија. Покрај  хроничната болест, Никола има епилепсија, спина-бифида и проблеми со видот. Но, без разлика на сите проблеми со кој Никола се соочува, тоа не го спречува да биде највеселото 13 годишно детенце во Македонија.

„Славните служат славните дружат” е акција која прв пат е одржана пред 10 години. Уште тогаш, граѓаните ја препознаа оваа иницијатива како комбинација на уникатна можност за дружба со познатите, но и дополнителен мотив за правење на хумано дело.