Следната година Канада ќе прими рекорден број иселеници

Канада следната година ќе прими помеѓу 260 000 и 285 000 доселеници, што е рекорден број во поновата историја на таа земја, изјави министерот за државјанство и имиграција Крис Александер, претставувајќи го планот за доселување во 2015-та година.

-Новиот план за имиграција ја засилува концентрацијата на нашата влада на долгорочниот економски раст и на доброто за сите жители на Канада. Со овој план ќе им посакаме добредојде на рекорден број луѓе кои ќе допринесат за нашата индустрија и пазарот на труд, изјави Александер.

Како што пишува српски „Блиц“, Александер најавил дека во 2015 та година Канада ќе обедини повеќе доселенички семејства и ќе продолжи да им пружа помош на најзагрозените граѓани во светот.

Најмногу нови доселеници (околу 65 отсто) ќе бидат примени во категоријата економски имигранти, а преостанатите 35 отсто ќе ги сочинуваат членовите на семејствата на доселениците кои веќе се наоѓаат  во Канада и кои сакаат да продолжат да живеат со нив во таа земја. Во таа третина влегуваат и бегалците и другите кои Канада ги прифаќа во рамки на хуманитарните програми.

Секоја година владата во Канада го одредува вкупниот број на новодојдените лица за кои се очекува дека ќе бидат примени како нови постојани жители. Од 2006 до 2013 година во Канада се доселиле рекорден број луѓе по разни основи, просечно околу 257 000 секоја година.