Слики

Зборат дека кога човек сонува, мисли, кога умира… му се вртат пред очи слики што му оставиле впечаток. Така зборат… Сликите што ги носиме се наша содржина.

А ние сме во време пред избори. Дупли избори и двојна предизборна кампања.

Кој ги видел, тешко ги заборава сликите од првиот референдум за самостојност. Онаа кога Киро Глигоров стои на бина на плоштад и објавува дека сме своја држава. Од неговата лева страна Кљусев со шампањ наздравува со присутните, а до Кљусев, Љубчо Георгиевски, академик Блаже Ристовски, Мартин Треневски… Зад нив стои тогаш младиот Јове Кекеновски, Лепавцев… Цела една генерација која ја создаваше историјата.

Албанците од ПДП предводена од Невзат Халили, Абдурахман Алити… не славеа и не го поддржаа Уставот за самостојност. Две години подоцна генералниот секретар на ПДП, Митхат Емини и нивниот министер за одбрана во тогашната влада, Хисен Хаскај, завршија во затвор поради шверц со оружје за потребите на формирање паравоени единици, со што во Македонија (а не на Косово) е формирана подоцнежната УЧК. Киро Глигоров, тогаш претседател на Македонија, го амнестираше Митхат Емини.

Невзат Халили, основач на вооружената формација Илирида, која имала за цел да изврши воена интервенција во Македонија, првиот претседател на владејачката ПДП избега на Косово и се спаси од апс. Подоцна во 2002 година УНМИК го уапси Халили на Косово под обвинение дека организирал терористички акции.

Бев кај Невзат Халили дома во неговата куќа во Порој, седејќи до Мерсим Положани и дваесетина други од фамилијата на Халили дента кога во средината на деведесеттите излезе од затвор. Сликата пред мене ме потсети на поддршката, единството и солидарноста кое фамилијата, а и сите во Порој ја имаа за Халили. Барем во тоа време.

Бев во Речица кога ПДП и тогаш новоформираната ДПА на Арбен Џафери се спукаа и се тепаа околу изборите во 1996 година. Беше жестоко, богами.

Пред очи ми е сликата кога седам во малата канцеларија на ДПА во центарот на Тетово со Арбен Џафери и кога влегува младиот Мендух Тачи, кого во таа прилика прв пат го видов, газдата на партиската култна кафана Дора”… Не ми изгледаше како политичар што толку долго ќе трае. Поранешниот генерален секретар на ПДП му бил класен раководител на Мендух Тачи и му давал приватни часови по француски јазик. Арбен Џафери го одбра Мендух Тачи за своја десна рака и свој заменик, а потоа и наследник. Тачи, ученикот на Невзет Халили, Митхат Емини и Арбен Џафери е се уште тука. Политиката ја гледаме, единствено не ми е познато до каде е со францускиот…

По изборите во 1998 година ПДП речиси исчезна од политичката сцена. Го гледам Љубчо Георгиевски по изборите таа година како се бацува и слави нова власт со ДПА, предводена од Арбен Џафери, уредникот на редакцијата за култура во приштинската телевизија во времето на Југославија и Мендух Тачи, ученикот на Митхат Емини.

Го вртам албумот и цела серија слики од воената 2001 година е пред мене. Генералниот секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, праќа писмо во кое Македонија ја известува дека овде постои и делува УЧК, предводена од некој анонимен швајцарски емигрант Али Ахмети. Тоа се терористи со кои државата треба да се пресмета, изјавува генералниот секретар на НАТО, Робертсон, а снимката ја гледам на Сител.

Следуваат слики морничави: убиени и изгорени полицајци и војници, бомбардирани села во кумановско, расфрлани тела на војници околу Љуботен… Тешки времиња.

Во Утрински”, Соња Крамарска во март таа 2001 година го напаѓа тогашниот специјален пратеник на ОБСЕ, Роберт Фровик, затоа што дошол да ни каже дека немаме шанси воено да ги поразиме терористите, именувани така од НАТО и Џорџ Робертсон, туку е подобро да преговараме, да дадеме општа амнестија и да го промениме Уставот.

Црвенковски, ултимативно, бара од Љубчо Георгиевски формирање заедничка влада, иако СДСМ ги загуби изборите. Неочекувано, по така груб ултиматум, Љубчо Георгиевски прифаќа и во мај заедничката влада е создадена. А војната загубена.

Никој кој ги следел настаните тие денови не може да ја заборави сликата кога на иста маса седат Имер Имери (ПДП), до него Бранко Црвенковски (СДСМ), во средината тогашниот претседател Борис Трајковски, а до него Љубчо Георгиевски (ВМРО), па на крајот и Арбен Џафери, како шеф на ДПА. Го потпишуваат поразот, Рамковниот договор.

Победникот, Али Ахмети, не потпиша. Тој и Фровик ги диктираа условите, а петорката од фотографијата со потпис ги прифати. И ни ги остави како кредитна обврска.

Вртам по Интернет, барам во сеќавањата, читам по книги и енциклопедии… Има ли слика на некој политички лидер кој загубил војна, а останал и понатаму во политиката на својата земја… Нема такви. Само на сликата од Рамковниот договор.

Но, еве ги и сликите стари десетина години, од Струга. Протести на стружани поради законот за нова територијална поделба на СДСМ, со која Струга и Кичево го губат статусот на македонски и стануваат доминантно албански градови. Бучковски оди таму, влегува во штабот на партијата, а пред штабот неколку илјади луѓе бесни и гневни фрлаат што им се нашло при рака по зградата на СДСМ, го напаѓаат Бучковски и неговото обезбедување… Следи тежок полициски ќотек, апсења и судски постапки против стружани. Сликите од тие немири остануваат долго во сеќавањата. Но, дали доволно долго… На последните два-три изборни циклуси четвртина стружани гласаа за СДСМ. Сликите избледеле, останал само инаетот да биде по мое, па што сака нека биде понатаму… И така и бива, понатаму.

Имам многу слики во политиката кои се вреден архивски материјал.
Сликата на Љубчо Георгиевски по кратки панталони сликан на јахта некаде во Егејското Море заедно со Јорго Папандреу. Љубчо тукушто симнат од власт, а Јорго пред вратите на победата и формирање грчка влада.

Сликата кога активист од Охрид, пред година-две отприлика, клекнато и понизно му ја бацува раката на Црвенковски, кој дошол да им ја врати слободата.

Сликата кога Зоран Заев излегува од притвор во Шутка, по што следи амнестија од Црвенковски, а пред затворот десетици струмичани со маици: Сите ние сме Заев”… како и сликата на Шеќеринска која ги бутка полицајците пред Истражен суд кој води постапка против Бучковски. Бучковски, кој беше церемонијал мајстор на погребот по загинувањето на Борис Трајковски, кога Бранко и Бучковски го величеа и изжалија Борис како свој.

Ги имам, и ги чувам, сликите на неколку победнички славја и вечери по победите на Груевски и ВМРО истерани во Меана Б, кај Столе од Мрзенци… и на некои други места. Не сум бил последниве неколку години, некои други и нови луѓе седат на масите, со свои искуства и историја зад себе кои не се мои, а јас не знам што би зборел со нив… Но, и на тие, како ни на подоцнежните слики, никој од нив го нема на поранешните слики од поразите, затворените фабрики, полициските тепања, рамковните договори…

Сликите кажуваат илјада зборови, тоа го знаеш и ти. Сликата кога Стево Пендаровски фрла илјадарка на земја откако чистачот му ги светнал кондурите во Стара чаршија е една од оние кои остануваат. Се памтат. Секаде, а на ориенталниов Балкан особено, чистењето кондури е симболика на тешка ароганција. Нема такви занаети, ниту слики во нормалната Европа. Како што нема ни фрлени пари на земја за услугата.

Слики… од кои потоа се создаваат зборови. Емоции. И одлуки. Изборни одлуки.

Пишува: Драган П. ЛАТАС за Вечер