Слобода на изразување – ЕУ држави забрануваат емитување на ТВ канали

По Литванија и Летонија го забрани емитувањето на еден од каналите на руската државна телевизија РТР, бидејќи ги оценува известувањата за украинската криза како тенденциозни и противоречни за интересите и безбедноста на оваа балтичка земја, објавува „Асошиејтед Прес“, пренесува Нетпрес.

Портпаролот на летонскиот медиумски совет за АП изјавила дека емитувањето на РТР „Русија“ во земјата ќе биде стопирано во период од три месеци, почнувајќи од денеска.

Литванија, пак, веќе донесе одлука, која е одобрена и од надлежниот суд во земјата, да се забрани емитување на РТР „Планета“ со аргумент дека некои од прилозите на овој медиум се пристрасни и „веројатно имаат за цел да предизвикаат поделби“.

И двата телевизиски канали се сопственост на руската државна компанија ВГТРК.

Трите балтички држави – Летонија, Литванија и Естонија, имаат значителен број на руско малцинство и се сериозно вознемирени од дејствијата на Кремљ кон Украина, како и од руското декларирање дека го заштитува своето население во други земји.