Слобода за невин Американец, по 25 години затвор

Во процесот на преиспитување на спорните пресуди на новиот окружен обвинител на Бруклин, еден недолжен Њујорчанец е ослободен од затвор каде што поминал 25 години за убиство кое не го извршил, јави утринава британски Би-Би-Си.

Бруклинскиот окружен обвинител Кенет Томпсон изјави дека се откажал од обвинението против Џонатан Флеминг (51) поради убиство во 1989 поради „клучни докази за алиби кои укажуваат на тоа дека Флеминг бил на Флорида во времето на убиството.“

Згужваната телефонска сметка од хотелот „Квалити Ин“ во Орландо на Флорида се испостави дека била една од највредните докази кои Флеминг ги поседувал.

Флеминг кој отслужил 25 години робија, бидејќи бил прогласен за виновен за убиство во 1989 година во Бруклин, ослободен е вчера кога беа откриени нови докази во неговиот случај.

Доказите потврдија дека бил на Флорида помалку од пет часа пред убиството, наведува Њујорк тајмс.

Иако во текот на судењето ги покажал авионските карти, видео записите и разгледниците од неговото патување во време кога е убиен Дерил Раш во Бруклин, обвинителството тврдело дека пукањето било мотивирано од спор, околу пари и дека обвинетиот Флеминг би можел да направи авионска тура и да се врати во Њујорк.

Случајот Флеминг е еден од неколку од десетината случаи погрешно осудени кои Томпсон ги наследи откако ја презема должноста годинава.

Неговата канцеларија исто така „чешла“ уште 50 случаи за кои детективот Луис Скрачели е обвинет за користење на нелегални тактикти и за наместени убиства.