Слободниот влез за мигранти од ЕУ во Британија ќе запре во март 2019

Британскиот министер за имиграција Брендон Луис денеска изјави дека сегашниот систем за слободно влегување на мигрантите од ЕУ на територијата на Велика Британија ќе биде прекинат во март 2019 година.

Тогаш, Велика Британија и формално ќе ја напушти Унијата, а во сила ќе стапи новиот систем со кој ќе се уреди влегувањето на државјаните од ЕУ.

Според овој британски министер, новиот систем ќе биде презентиран во септември идната година, шест месеци пред британското повлекување од ЕУ.

Претставник на британската Комора на индустријалците, меѓутоа, смета дека роковите кои ги нуди владата се задоцнети.

Комората бара уште сега да се определи каков статус ќе имаат мигрантите од земјите на ЕУ по Брегзит и тоа не само во транзицискиот период по март 2019 година, туку и во годините потоа.

Опозициските либерални демократи предупредуваат дека со одлагањето на решението за европските мигранти се создаваат дополнителни проблеми за службите во јавниот сектор, а пред се во државното здравство каде сега има многу „странци“, но и во бизнисот и домашните компании, кои не кријат дека сега, а и во иднина ќе имаат потреба од дополнителна сила од мигрантите.

Комората на индустријалците и либералните демократи укажуваат дека не мал број од европските државјани кои сега работат во здравствто и во бизнисот најавуваат дека ќе си заминат од Велика Британија по март 2019 година или пак може да се соочат со принудното напуштање на земјата.

Имигрантската политика, имигрантите од земјите на ЕУ и нивното намалување беше во основата на острата, антиевропска и антиимигрантска реторика во кампањата за Брегзит и посебно пред референдумот за ЕУ.

Кампањата ја водеа проториевските медиуми и десничарската антиевропска Партија за независноста на Обединетото Кралство (УКИП), но зад неа застанаа и високи функционери на Конзервативата партија на Тереза Меј, кои сега се министри во нејзината влада.

Манифестот на конзервативцие за предвремнеите избори од 8 јуни и натаму инсистира бројот на нето миграцијата, која сега изнесува 248 илјади лица годишно да се сведе на под 100 илади, како во времето на премиерката Маргарет Тачер.

Независни набљудувачи оценуваат дека станува збор за „неоствариливи амбиции“ и за политика наметната од партиската десница.

Министерот за имиграција Луис сега најавува дека Владата ќе направи проценка на тоа колку мигрантите од ЕУ ја чинат земјата и каква е ползата од нивната работа, што се толкува како обид да се најде решение за партиската програма и реалните потреби на земјата и на незиниот бизнис.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.