Слободните зони- можност за раст и развој на домашните компании

Слободните технолошко- индустриски развојни зони стануваат привлечни и за домашните компании. Две домашни, напредни фирми, минатата седмива „Хај-тек“ а вчера „Технопласт“, најавија дека својот бизнис ќе го прошират инвестирајќи во зоната Скопје 1, во  Бунарџик. Инвестирајќи таму, под услови како и за нивните соседи, странските инвеститори, тие гледаат можност за раст и развој на својот бизнис, можност за поголем извоз, освојување на нови пазари, но и отворање на нови работни места, анализира Лидер.

И двете компании со инвестициите во Бунарџик ќе го прошират својот бизнис, ќе вложат во нови технологии и know-how, а со тоа ќе го унапредат сопствениот бизнис. Заедничко е тоа што и двете компании работат како добавувачи на компаниите од автомобилската индустрија.

„Хај-тек“, која е прв домашен инвеститор во Бунарџик, е компанија која е добавувач на голем број светски компании од автомобилскиот сектор. Произведува електронски печатени плочи како основа на која се вградуваат компоненти од типот на микропроцесори, отпорници, кондензатори и транзистори. „Хај-тек“ ќе инвестира 20 милиони евра и планира да отвори 300 нови работни места. Сопственикот на компанијата, Саво Станковиќ оценува- добивме можност за натпревар на европско ниво.

„Ова е нешто ново и значи надоградба на нашиот производ со новододадена вредност со што ќе овозможиме и поголем извоз од Македонија и поголеми вработувања и многу поголем пласман на македонски технички кадар на европскиот пазар“, вели Станковиќ.

„Технопласт“, пак, ќе инвестира 10 милиони во Бунарџик и ќе отвори 200 работни места. Во новите погони ќе се произведуваат алати и пластични компоненти, кои наоѓаат примена во автомобилската и во електричната индустрија. Целокупното производство ќе биде наменето за извоз.

„Во првата фаза ќе бидат инвестирани шест милиони евра за изградба на објектот и за набавка на нова опрема. Ќе се вработат сто државјани на Република Македонија. Во втората фаза ќе бидат вложени четири милиони евра, ќе се вработат уште 100 лица, и ќе се инвестира во нова опрема и развој на технологии“, изјави вчера сопственикот на компанијата, Ѓорче Тодоровски.

За надлежните, пак, инвестирањето на овие две домашни компании во слободните зони, претставува доказ дека условите кои важат да странските компании во зоните, важат и за домашните.

„Сето она што беше полемика или разговор во определен временски период дека македонските компании не можат да влезат во зоните, тоа сега се потврдува“, нагласува првиот човек на ТИРЗ, Виктор Мизо.

Соработката меѓу странските компании и домашните се интензивира

Континуирано расте бројот на домашните компании кои активно соработуваат со странските директни инвеститори. Во моментов, повеќе од 500 домашни фирми соработуваат со странските инвеститори. Првичните проекции беа дека домашните компании од соработката со странците би заработиле 30 милиони евра, но сега оваа сума може да се искачи и на 50 милиони, како што се зголемува бројот на инвеститори на домашниот пазар. Добар пример се компаниите од градежната индустрија, кои во последниве две години од соработката со странските инвеститори, во изградба на фабриките во зоните и инфраструктурното уредување, инкасирале вкупно 26 милиони евра.

Експертите велат- користа е двострана. За домашните компании соработката значи повеќе работа и развој, трансфер на знаења и нови технологии, нови стандарди, како и зголемена конкурентност и секако можност за извоз на странски пазари. Странските компании добиваат пониски трошоци за набавка и побрзо време на испорака. Резултатот е раст на економијата и креирање на нови работни места.

„Податоците велат дека некаде околу 500 домашните компании соработуваат со странските инвеститори. Кај нив се шири обемот на работа, на производство, науслуги, а и таму има нови, индиректни вработувања. Се отвора и можност за соработка со домашните образовни институции, како универзитетите, така и средните училишта. Се зајакнува и надворешната трговија, извозот од зоните расте. Воопшто, се зајакнува економијата, се зголемува производството, извозот расте“, вели Алек Никовски, советник за странски инвестиции на премиерот Груевски.

Соработката, според познавачите на пазарот, најчесто е во областа на услужните дејности и градежништвото. Странците ги користат услугите, сервисот на домашните компании. Во периодот што следи прогнозите се дека соработката ќе се унапреди, и тоа во поголем дел од секторите во Македонија.