Слобоната финансиската зона буди интерес кај инвеститорите

Слободната финансиска зона која наскоро треба да никне во Скопје, веќе буди интерес кај странските инвеститори. Британски бизнисмени за условите за инвестирање во оваа зона, како и за поволностите кои ги нуди државата, веќе покажаа интерес, соопшти вчера Министерството за финансии, пишува Лидер.

Имено, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, изминативе два дена одржа повеќе средби со претставници на бизнис заедницата во Лондон, на кои ги претстави условите за водење бизнис и поволната на бизнис климата во Македонија. Покрај тоа што инвеститорите покажале интерес за прехрамбениот сектор и автомобилската индустрија, тие особен интерес пројавиле за македонската финансиска зона и погодностите кои ќе ги нуди за меѓународните финансиски компании.

Концептот на слободните финансиски зони на инвеститорите од Велика Британија им е близок, посебно поради фактот што во Англија овој концепт е широко прифатен и функционира подолго време, па оттаму реално е да се очекува дека поволностите што ќе ги нуди македонската финансиска зона, да бидат примамливи за британските инвеститори. Истовремено, Лондон, центарот на Обединетото Кралство, важи за еден од најкредибилните финансиски центри на меѓународно ниво.

Со отворањето на финансиска зона во Скопје, Македонија ќе се најде на меѓународната финансиска мапа. Финансиската зона ќе значи отворање на нови работи места, пред се за високобразованите кадри кои во моментов не можат да најдат работа.

Вакви зони има во многу држави и функционираат успешно. Слободните финансиски зони, како оние во Луксембург, Ирска или Дубаи денеска се едни од најпосакуваните дестинации за глобалните финансиски институции. Она што ги карактеризира се поволните даночни стапки и услови за работа кои се совршени за големите играчи на светскиот пазар да можат да функционираат од една локација на повеќе дестинации.  Според познавачите на глобалниот пазар, Македонија би била совршена дестинации за многу меѓународни финансиски институции, кои од тука успешно би работеле и на европскиот пазар.

Финансиската зона ќе го забрза растот на економијата

Според најавите, даночните поволности во финансиските зони ќе бидат слични на сегашните во слободните економски зони, трошоците ќе бидат помали, платите повисоки од  домашните, со ефикасни бизнис процедури. Иако даноците за меѓународните финансиски институции кои ќе дојдат во финансиската зона ќе бидат многу ниски, но од друга страна, нивното присуство на македонскиот пазар ќе има дополнителни ефекти, и по многу други ставки ќе влијаат на растот на македонската економија.

Формирањето на слободна финансиска зона, подразбира ангажман за многу сметководители, правници, економисти, адвокати. Истовремено, финансиските менаџери ќе имаат полни раце работа, ќе се изврши трансфер на знаења, ќе се работи по светски стандарди, а тоа ќе значи и нови високоплатени вработувања.

Експертите сметаат дека Македонија има млада и висококвалификувана работна сила, финансиски добро поткована, која може да биде ангажирана во финансиски гиганти од ваков тип и добро да заработува.

Бизнис заедницата тврди дека земјава има квалитетен кадар каков што бараат странските финансиски друштва.

-Многу важно е што не само бизнис секторот туку и воопшто секој оној што е квалитетен и квалификуван, а такви во Македонија има доста, ќе можат своето место да го најдат во овие зони, смета претседателката на ССК, Данела Арсовска.

Компаниите во финансиските зони ќе даваат услуги на нерезиденти, со што нема да влијаат на банкарскиот систем во земјава и нема да ја нарушат стабилноста на финансискиот систем. Според надлежните, секој капитал во зоната ќе биде од проверен извор, од реномирана светска банка, ќе се аплицираат сите правила кои важат за проверка на средствата, а коишто се во функција на спречување на приливите на капитал од неидентификувани извори.

Властите планираат зоната да ја лоцираат во касарната Илинден, на површина од 30 до 40 хектари, а да профункционира кон средината на оваа година. Дотогаш ќе се работи на регулативата и на промоцијата на зоната пред странските инвеститори.

Првите станари во слободната финансиска зона се очекуваат за две години.