Слоевенечкиот парламент ја изгласа Владата на Шарец

Пратениците во словенечкиот Парламент вечерва ја изгласаа малцинската Влада на премиерот Марјан Шарец. За новата влада гласаа 45 од 90 пратеници, 34 беа против, а 11 беа воздржани.

Обраќајќи се на пратениците пред гласањето, Шарец порача дека владата ќе биде насочена кон унапредување на здравствениот систем, намалување на бирократските трошоци и обезбедување на стабилен економски амбиент во Словенија.

Партијата на Шарец, Листа на Марјан Шарец (ЛМС), која му припаѓа на левиот центар и останите четири партии од неговата владина коалиција немаат мнозинство во Државниот збор, но за неа гласа и пратениците од партијата Левица, која одби да се вклучи во владината коалиција.

Покрај ЛМС во Владата на левиот центар на Шарец учествуваат и партијата Социјални демократи (СД), Партијата на модерниот центар (СМЦ) на донеодамнешниот премиер Миро Церар, Партијата на Аленка Братушек и Демократската партија на пензионерите на Словенија (ДЕСУС). Петте партии имаа 43 места во 90-члениот Државен збор.

Четириесетгодишниот Шарец, која е поранешен актер и градоначалник на Камник, е најмладиот премиер на Словенија од стекнувањето на независноста на земјата во 1991 година.

Шарец оствари пробив во словенечката политика на национално ниво на ланските претседателски избори, кога успеа да се пласира во вториот круг, каде беше поразен од актуелниот словенечки претседател Борут Пахор.

Тој стана премиер по три месеци од изборите во Словенија на кои победи партијата Словенска демократска партија на Јанез Јанша, но ој не успеа да формира влада оти не освои мнозинство во Парламентот.