четврток, 8 декември 2016  |  Вести денес: 0

Словачка од утре по прв пат ќе претседава со ЕУ

еу

Последни вести

Словачка од утре го презема своето историски прво претседателство во Советот на ЕУ, една од трите главни институции на Европската Унија, кој се уште ги претставува сите 28 земји-членки. Ова ќе се случи по нашето 12-годишно членство во Унијата, и тоа во период кога таа се соочува најверојатно со најголемите предизвици и несигурности во својата скоро 60-годишна историја. Врз словачкото претседателство најмногу ќе влијае Брегзит, но исто така продолжувањето на бегалската криза, феноменот на тероризам, но и континуираната недоверба на европската јавност кон бриселските институции.

Ова го изјави словачкиот амбасадор Мартин Безак на синоќешната свеченост во Македонскиот народен театар по повод преземањето на претседателството со ЕУ од Кралството Холандија, пренесува МИА.

Мартин Безак амбасадор

– Словачка, како лице на ЕУ“ во наредните шест месеци – лицето што креативно се рефлектира и во логото на нашето претседателство – има амбиција да стане чесен посредник во дијалогот и градител на мостовите внатре меѓу Советот на ЕУ, Европската комисија и Европскиот парламент, но и надвор од Унијата. Ќе настојуваме максимално да ги реализираме приоритетите на нашето претседателство, рече Безак.

Во однос на Македонија и Балканот, според него, особено се значајни два приоритета: прво – одржлива миграциска политика и политика на азил и второ – кредибилна политика за проширување.

 – Ефектите на словачкото претседателство во голема мера ќе зависат од развојот што ќе се постигне тука, во оваа држава и нејзините институции. Објективно, словачкото претседателство не може да ја реши овдешната политичка криза, ниту пак билатералниот спор помеѓу Скопје и Атина. Но, словачкото претседателство може да претставува „лице и глас“ на Вашата земја во ЕУ во напорите да се придвижи од мртва точка. Словачкото претседателство би сакало на седницата на Европскиот совет во декември оваа година да постигне успех во насока на деблокирање на интеграцискиот процес. Успех сличен на оној на финското претседателство во декември 1999 година кога беше деблокирана интеграцијата на Словачка која тогаш ја доби поканата за започнување на пристапните преговори, рече словачкиот амбасадор

Тој потсети дека на Словачка ѝ успеа да ги заврши пристапните преговори за само три години од нивното отпочнување, што претставува, вели своевиден „брзински рекорд“ во историјата на проширувањето на ЕУ.

– Сепак, степенот на солидарност на словачкото претседателство кон интеграциските амбиции на државата-кандидат не може да биде поголем од степенот на солидарност на државата-кандидат кон вредностите и принципите врз кои се темели функционирањето на европскиот проект, истакна амбасадорот Безак.

Според холандскиот амбасадор Валтер Пломп холандското заседавање кое што завршува денеска и покрај постигнатите резултати во однос на миграциската криза со договорот со Турција и напорите за борба против тероризмот сепак, вели, ќе биде запаметено по резултатите од Брегзит.

Ваутер Пломп

– Сепак, и покрај сево ова, нашето претседателство може да остане запаметено по одлуката на граѓаните на Обединетото Кралство да ја напуштат Европската унија. Како што рече и холандскиот заменик-претседател на Европската комисија Франс Тимерманс „мораме да бидеме сосема искрени самите со себе кога разговараме за понатамошните чекори и мора да се издигнеме над нашите разлики и да го извлечеме најдоброто од сегашната состојба, рече Пломп.

Во однос на проширувањето тоа останува да зависи од практичната примена на принципите на демократијата и владеењето на правото. Во контекстот на Македонија ја повтори пораката на Европската комисија на високиот претставник за заедничка надворешна политика и безбедност Фредерика Могерини дадена минатата недела во која се изразува надеж дека македонските политичари ќе најдат решение за политичката криза во наредните неколку недели.

Заменик-министерот за надворешни работи Илија Исајловски истакна дека по референдумот во Обединетото Кралство, Европската унија се соочува со сериозни предизвици бидејќи неговите резултати ќе се рефлектираат на глобално ниво што ќе се почувствува во Европа, светот, како и во нашиот регион и во Република Македонија. Со цел да се осигура долготрајна стабилност и просперитет на регионот особено е важно да се даде нов живот и да се зајакне кредибилноста на процесот на проширување на ЕУ кон Западен Балкан како една од најуспешните политики на Унијата.

– Отпочнувањето на пристапните преговори со ЕУ е примарна цел на Република  Македонија. Во 2016 година Европската комисија ја даде седмата по ред последователна порака за отворање на преговорите со Унијата. Сметаме дека е од заеднички интерес да се започнат преговорите што е можно поскоро. На тој начин кредибилноста на политиката на проширување ќе биде позајакната дури и во новите околности, рече Исајловски, посакувајќи успешно претседателство на Република Словачка со ЕУ.

Ова е прво претседателство на Словачка со Европската унија од стапувањето во членство во 2004 година. Братислава ќе претседава со Унијата од 1 јули до 31 декември годинава.

Најчитани вести