Словачкиот премиер објасни зошто нема да протера руски дипломати

Словачка ќе постапува одговорно во случајот на труењето на поранешниот двоен руско-британски шпион Сергеј Скрипал во јужна Англија, но од друга страна, пак, јасно истакнува дека нема да потклекне под ниеден притисок и нема да прави непотребни театрални гестови, изјави премиерот Петер Пелегрини.

Ова го изјави Пелегрини, одговарајќи на прашањето на опозициски пратеници за тоа зошто Словачка нема да протера руски дипломати, и покрај заедничката политика на Европската унија, на средбата која беше пренесувана на јавната телевизија.

Премиерот им напомна на пратениците дека во Европската унија во моментов има 28 земји, но само 16 од нив решиле да протераат руски дипломати.

„Словачка веќе е подготвена за можни натамошни чекори. Ние ќе почекаме. Затоа што само убеденост во руската одговорност од словачка страна не е доволно. Ќе започнеме со повикување во министерството за надворешни работи на рускиот амбасадор“, истакна Пелегрини. Ќе бидат преземени нови натамошни чекори „доколку бидат потребни“, истакна премиерот.

Претходно 16 земји членки ЕУ, како и САД, Канада, Норвешка, Украина, Македонија, Австралија објавија дека ќе протераат руски дипломати поради инцидентот во Солсбери. Од Балканот, Грција, Бугарија и Словенија соопштија дека нема да протераат руски дипломати.Најголем број Руси, 48 дипломати и 12 службеници во дипломатската мисија при Обединетите нации ќе ги напуштат САД, а исто така ќе биде затворен и генералниот конзулат во Сиетл.