Свет

По убиството на новинарот Куцијак Словачкиот претседател бара предвремени избори

Словачкиот претседател бара предвремени избори

Предвремени избори или целосна рекоснтрукција на Владата побара од словачкиот премиер Роберто Фицо, претседателот на Словачка, Андреј Киска, незадоволен од работата на институциите по убиството на новинарот Јан Куцијак.

– Чекав неколку дена за да видам какви мерки ќе преземе владата за да ја обнови довербата кај Словаците која е нарушена по убиството на Куцијак, но освен некои оставки не гледам никаков конкретен план со кој би се решил проблемот. Денес недовербата на луѓето во државата е огромна. Таа недоверба е оправдана. Работите отидоа предалеку. Дојдовме до момент кога ја гледаме ароганцијата на моќта. Омразата е огромна, недовербата невидена- изјави Киска во специјалното обраќање пред јавноста.

Тој најави дека самиот ќе почне со консултации со лидерите на политичките партии околу можноста да се организираат предвремени избори.

Во меѓувреме словачкиот министер за внатрешни работи денеска повторно одби да поднесе оставка како што тоа го направи неговиот колега – министерот за култура кој даде оставка од морални причини.

Иако полицијата по убиството на Куцијак, кој пишуваше за поврзаноста на властите со италијанската мафија, уапси двајца италијански државјани истите беа ослободени поради немање докази дека се поврзани со злосторството.