Словенечката премиерка денеска ќе поднесе оставка

Словенечката премиерка Аленка Братушек би требало денеска на претседателот Борут Пахор и на претседателот на парламентот Јанко Вебер да ја поднесе својата оставка, откако ги изгуби партиските избори во Позитивна Словенија од градоначалникот на Љубљана и основачот на таа партија Зоран Јанковиќ.

По состанокот со коалициските партнери во саботата на Брдо кај Крањ, Братушек соопшти дека заедничкиот заклучок е дека во Словенија треба што побрзо да има предвремени избори, уште пред летото.

Како што најавуваат словенечките медиуми, Братушек изјави дека политичката ситуација не е причина „за паника“, бидејќи нејзината влада ги стабилизираше јавните финансии, а и оценката за економската прогноза до крајот на годината е подобра од порано.

„И постигнатите резултати и прогнозата покажуваат дека Словенија е на пат кон успехот,“ додаде таа.
Словенечката опозиција ја критикуваше одлуката на Братушек и смета дека оставката требала да ја поденесе веднаш, бидејќи ги изгуби изборите во партијата.