Словенечки амбасадор во НАТО шпионирал за Русија?!

Словенечкиот амбасадор во НАТО, Андреј Бенедејчич, бил повикан на консултации во Министерството за надворешни работи по информациите во медиумите дека е осомничен за шпионажа во корист на Русија, објави словенечката агенција СТА повикувајќи се на медиумите.

 Во весникот „Репортер“, на кој се повикува агенцијата СТА, се вели дека Бенедејчич е осомничен дека шпионирал во корист на Русија.
Бидејќи ова е сомнеж што како бомба би одекнал меѓу земјите-членки, било повикано и Министерството за надворешни работи со прашање дали тој веќе е отповикан и какви ќе бидат следните чекори.

Одговорот од Министерството бил дека тоа нема никаква официјална информација, но дека Бенедејчич е повикан на консултации и дека наводите што биле претходно изнесени во весниците „темелно се проверуваат“.

Според медиумите, истрагата во НАТО ја предизвикала Полска со својата загриженост дека Бенедејчич шпионира за Русија.

Во Министерството за надворешни работи рекле дека „немаат никаква официјална потврда на информациите од весникот“.

 Бенедејчич, дипломат од кариера, беше познат како русофил и се смета за поддржувач на поранешниот претседател Данило Турк, за кој е познато дека е проруски ориентиран, пишува Вечерње новости. На позицијата амбасадор во НАТО го именувал Турк во 2011 година откако работел како извршен директор за општи работи во Министерството за надворешни работи и како амбасадор во Русија.