Словенечкото здружение „Франце Прешерен“ одбележува 20 години од постоењето

По повод своето дваесет годишно постоење словенечкото здружение „Франце Прешерен“ од Скопје организира прослава која ќе се оддржи во петок со почеток од 19 часот во просториите на Даре Џамбаз.

На прославата се очекува да присуствува и да се обрати амбасадорот на Република Словенија во Македонија Бранко Раковец, а од Словенија се очекува да присуствуваат претставници на Бирото за Словенци во странство, како и претставници од Матицата на иселениците на Словенија.

Свечениот јубилеј ќе биде одбележен со настап на хорот кој работи во рамките на Здружението, како и со настап на театарска група. Ќе биде претставена монографијата „Преодениот пат 20 години на здружението Франце Прешерен“ , а ќе бидат доделени и благодарници и признанија.

Претседателката на здружението, Анастазија Рибарски за Нетпрес нагласува дека главната цел на Здружението е зачувување на словенечкиот јазик и култура.

Инаку Словенското друштво „Франце Прешерн“ постои веќе 20 години. Во негови рамки застапени се програми за изучување на словенечкиот јазик и хор, а исто така друштвото поседува и богата библиотека со дела на словенечки јазик.