Магазин

Словенечкиот народен театар на „Охридско лето“

Словенечкиот народен театар на „Охридско лето“

Во рамки на драмската програма на годинешното 56-то издание на Фестивалот „Охридско лето“ вечер ќе биде изведена претставата „Спобудалената локомотива“ од гостите од Словенечкиот народен театар – Драма од Љубљана, во режија на Јернеј Лоренци.

Станува збор за обработка на еден од класиците на 20-тиот век, драмата „Спобудалената локомотива“ на Станислав Игнаси Виткиевич кој важи за еден од најкомплексните автори на полската и светската авангарда. Тоа е една од најкусите, но најмоќните драми на Виткиевич во која на необичен и духовит начин се резимираат авторските уметнички и филозофски пребарувања.

Според драмскиот селектор на фестивалот Ѓорѓи Јолевски, станува збор за претстава што е совршена за театарските дегустатори и извонредено креативно достигнување кое остава силен, длабок и незаборавен впечаток.

Режисерот Јернеј Лоренци нагласи дека се чувствува одлично кога работи од задоволство,  без притоа да се води од политички мотиви.

– Секогаш треба да постои лудило, љубов, игра…. Поентата на возот е во ритамот, каде имате чувство на слобода, романтика…. Го работам тоа што во мене предизвикува некое чувство без да имам некој претходен концепт. Пред да почнам да ја работам претставата сум прилично „глупав“. Откако ќе почнам да работам со глумците доаѓам до некои сознанија. Време е, сепак, малку да си играме љубов. Животот е постојана проба. Премиерата на животот е смртта,  додаде режисерот Лоренци.

„Спобудалената локомотива“ ќе се игра вечер во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во стандардниот фестивалски термин од 21 часот.