Словенија ќе воведе фонд за идните пензионери поради нискиот наталитет

Демографски резервен фонд за осигурување на пензиите за новите генерации пензионери. Словенија веќе размислува да воведе ваков фонд, но опасноста од брзото стареење на населението ја демне цела Европа, а и нас. Според процените на Фондот за пензиско осигурување, бројот на пензионери во земјава во 2050 година ќе се искачи од сегашните 299.000 на половина милион лица и да се одржува во тие граници до 2070 година, пишува Дневник.

Од друга страна, трошоците за пензии ќе се удвојат од сегашните 736 милиони евра на 1,5 милијарда евра во 2050 година, но во 2075 година ќе достигнат 2 милијарди евра. Податоците, пак, на Државниот завод за статистика покажуваат дека расте бројот на работоспособно население во земјава постаро од 65 години. Така, во оваа старосна група во 2006 година учествувале 197.302 лица, а лани нивниот број се зголемил на 209.646 лица, за во третиот квартал годинава да достигне 212.499 лица. 

Ги прашавме познавачите дали треба и Македонија да размислува како да одговори на негативните демографски движења, односно за мерки со кои ќе се обезбедат пензиите на идните генерации пензионери. Експертите се децидни дека уште од сега треба да се преземаат мерки што долгорочно би вродиле со плод, бидејќи демографските проблеми не се решаваат прекуноќ туку со години.

Населението забрзано старее

– Демографските показатели покажуваат забрзан процес на стареење на населението. Овие процеси не можеме да ги решаваме со палијативни мерки. Не можеме ниту да ги избришеме грешките од минатото. Затоа е потребна подолгорочна стратегија на овој план. И во претходните години да се размислувало така, проблемот би бил колку толку ублажен. Но, никогаш не е доцна да се почне, затоа е потребна долгорочна стратегија – вели професорот Славе Ристевски.

Според него, Македонија сите фази од демографската транзиција ги поминува многу брзо, па ако на развиените земји им требаат 100 години, кај нас тие забрзано се случуваат за триесет години.

– Македонија длабоко влегува во процес на стареење на населението и затоа е пожелно во наредниот период да се пресретнат некои работи – вели Ристевски.

Според професорката Марија Зарезанкова – Потевска, Словенија одамна има добри стратегии, економски, политички, демографски. А овој нивни потег покажува подготвеност дека секој поединец во општеството е битен, независно дали е стар или млад.

– Затоа и размислуваат да го подобрат животниот стандард на пензионерите. Ваков фонд е добар начин за нивна финансиска помош, се разбира ако се најдат штедри извори на финансирање на овие активности. Во Македонија, со оглед на ограничените финансиски можности на јавниот сектор, оваа идеја не е предмет на дискусија, но секако дека би била многу корисна за идните пензионери доколку се обезбедат извори на финансирање. Во секој случај, идејата е добра и со добро осмислена политика и стратегија на долг рок, би можело и да се реализира – вели Зарезанкова – Потевска.

Помалку осигуреници – повеќе пензионери

Актуарскиот извештај на Фондот за пензиско покажува дека бројот на пензионерите континуирано ќе расте во наредните 50 години, а потоа ќе се намалува. Просечните пензии што ќе ги земаат идните пензионери, од сегашните 80 отсто од просечната нето-плата, ќе паднат на 48,9 проценти од просечната нето-плата во 2050 година, а во 2070 година на 46 отсто. Соодносот меѓу осигурениците и пензионерите, од сегашните 1,74 осигуреник на 1 пензионер, долгорочно се намалува на 1,03 осигуреник на 1 пензионер.

– Овој тренд на соодносот значи дека се помалку осигуреници ќе плаќаат за с` поголем број пензионери – стои во извештајот.

Во базичното сценарио трошоците за пензии се намалуваат од 8,3 отсто од БДП во 2013 година на 6,7 отсто од БДП на крајот од проекцискиот период.

И во актуарскиот извештај на Фондот се земени претпоставките за стареењето на населението.

– Може да се заклучи дека според сите три сценарија има стареење на населението на долг рок. Индикатор за стареењето на населението е соодносот на старото население (на возраст над 65 години) со работоспособното население (на возраст од 18 до 64 години). Соодносот на овие две групи население расте од сегашните 17,68 отсто на 53,03 отсто во 2060 година и опаѓа до 47,34 отсто во 2080 година. Тоа значи дека во иднина околу една третина од населението над 18 години ќе биде старо население – стои во извештајот.